Ecenur Çolak
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
РИМ (АА) - Девет лица го загубија животот како резултат на паднатите дрвја поради поплавите и силните ветрови предизвикани од невремето што ја погоди Италија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на италијанската новинска агенција АНСА, невремето зафатило различни региони во земјата, во кое смртно настрадале девет лица.
Меѓу загинатите се наоѓа и еден пожарникар-волонтер, кој учествувал во операциите за пребарување и спасување, а во невремето се повредени повеќе лица во различни места низ земјата, меѓу кои и пожарникари.
Од друга страна, поради лошите временски услови вчера и денес, голем број училишта во италијанскиот главен град Рим, и во градот Џенова, се затворени.
Исто така, и градот Венеција, кој се наоѓа во североисточниот дел на земјата, е зафатен од невремето поради кое 75 отсто од копното на овој град остана под вода.
Пожарникарите извршија над 5.000 операции за пребарување и спасување низ земјата.
Во подрачјето на Лигурија, во градот Џенова, брзината на ветерот достигна до 180 километри на час, а бројни јахти што се наоѓале на пристаништето биле оштетени, меѓу кои и јахтата на семејството на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.
Голем број лица од различни места во Италија се евакуирани, а во некои места дојде и до појава на свлечишта, како и до прекин на напојувањето со електрична енергија.