Mahmoud Barakat
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Најмалку 270 медиумски претставници се наоѓаат во сирискиот град под опсада Дера, во југозападна Сирија, како последица на тековната офанзива на режимот во регионот, соопштува Сириското здружение на новинари, пренесува Anadolu Agency (AA).
Меѓу новинарите што се под опсада се наоѓа и фриленсер на Anadolu Agency, како и медиумски активисти и работници, за кои од Здружението се вели дека се соочени со неизбежна опасност.
„Во изминатите неколку дена повеќето медиумски претставници беа принудени да се префрлат на тесно географско подрачје во Кунејтра. Сепак, одредени медиумски претставници се опколени во (резиденцијалното подрачје) Дера ал Балад и западно од него“, се вели во соопштението на Здружението.
Од Здружението се нагласува дека новинарите од страв да не им се одмаздат режимските сили се обидувале да пронајдат безбеден излез преку јорданската граница.
„Она што плаши најмногу е одмаздата од страна на режимот и милициите, негови сојузници, против кој било што ќе го дигне гласот против сирискиот режим“, се вели во соопштението.
Силите на режимот и неговите сојузници со помош на руските воздушни сили на 20 јуни започнаа опсежна воена операција, со цел воспоставување контрола врз поголемиот дел од јужната граница на Сирија со Јордан, во согласност со договорот за прекин на огнот постигнат меѓу Русија и вооружените опозициски групи.
Како последица на операцијата, 350.000 цивили ја напуштија Дера во изминатите денови и заминаа кон подрачјата близу јорданската граница.
По мировните преговори што беа одржани минатата година во главниот казахстански град Астана, Дера беше назначена за зона без судири во која актите на агресија се категорично забранети.