Esat Fırat
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
ГАЗА (АА) - Бројката на усмртените Палестинци од страна на израелските војници кои пукаа врз демонстрантите што протестираа по должината на границата на Газа и Израел поради префрлувањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс) се искачи на 61, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство се наведува дека на протестите во источниот дел на Појасот Газа животот го загубиле 61 Палестинци, а ранети се повеќе од 2.770.
Во соопштението се истакнува дека меѓу загинатите, осум лица се под 18-годишна возраст, а ранети се 225 деца и 86 жени.
Вчера беше организиран милионскиот протестен марш поради префрлувањето на Американската амбасада во Ерусалим и 70-годишнината од формирањето на израелската држава, датум кој Палестинците го одбележуваат како Накба (Голема катастрофа), по кој следува егзодусот на Палестинците спроведен од страна на Израел.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 6 декември 2017 година го призна Ерусалим за главен град на Израел, додавајќи дека ќе ја префрли Американската амбасада во Ерусалим. Вчера со свечена церемонија беше отворена Амбасадата на САД во Ерусалим.