Ivana Ramadanova
15 Март 2016•Ажурирај: 17 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во терористичкиот напад во туристичкиот град Гранд Басам во Брегот на Слоновата коска, животот го загуби Анита Андреевска, потврди македонското Министерство за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Согласно информациите добиени од Канцеларијата на Обединетите Нации за Волонтери, македонската државјанка загина на 13-ти март оваа година во градот Гранд Басам, а во нападот, животот го загубија и двајца припадници на војската и 14 цивили.
Според соопштението, МНР денес оствари средба со семејството на починатата на које му беше изразено сочувство за загубата и уверување дека ќе се преземат сите потребни активности, согласно законските прописи, за пренесување на телото на починатата во нашата држава.
Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, испрати и телеграма со сочувство до неговиот колега од Брегот на Слоновата коска, Абдалах Алберт Тојкус Мабри, во која изрази жалење за сите жртви од грозоморниот чин и истакна дека Република Македонија го осудува овој чин и ја изразува својата целосна поддршка и солидарност кон сите земји кои се соочуваат со терористички напади.
Македонија останува и натаму силно посветена во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, кои се заеднички закани за целиот свет и на кои целата меѓународна заедница треба заеднички да им се спротивстави, се наведува во соопштението од МНР.