Ekipa
17 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка, Тереза Меј, изјави дека нејзината земја ќе го напушти единствениот пазар на ЕУ, но дека ќе бара пристап до него преку преговорите за слободна трговија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Меј која во Ланкастер хаус ги објави понатамошните планови за Брегзит, истакна дека Велика Британија никако не може да остане на единствениот пазар бидејќи тоа би значело дека воопшто не го напушта блокот.
Британската премиерка нагласи дека нејзината земја нема да бара договор за Брегзит што ќе ја остави: „... половина во, а половина надвор од ЕУ“.
„Британија нема да држи делови од членството ниту да бара да остане делумен или придружен член на блокот“, изјави Меј, порачувајќи дека таа земја ќе создаде ново и еднакво партнерство со Европа.
Таа истакна дека сака силна, поправедна, обединета Британија, кога гледа кон надвор повеќе од кога било претходно, и потврди дека на крајот, за започнување на процесот на Брегзит ќе гласа британскиот Парламент, но не наведе што би можело да се случи доколку двата дома на Парламентот гласаат против него.
Меј претходно најави дека Велика Британија кон крајот на март 2017 година ќе поднесе барање за започнување на процесот за излез на оваа држава од Европската Унија, кој би можел да трае најмалку две години.