Evren Aydemir
09 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
БЕРЛИН (АА) - Победникот на последните парламентарни избори во Германија, (ЦДУ) и нејзината сестринска партија од Баварија (ЦСУ) соопштија дека официјално ќе ги започнат преговорите за формирање на новата коалициска влада на 18. октомври, објави Anadolu Agency (АА).
Претседателката на владејачката ЦДУ и актуелна канцеларка, Ангела Меркел, и шефот на ЦСУ, Хорст Зихофер, соопштија дека одделно ќе разговараат со водачите на ФДП и со движењето на Зелените. Исто така, најавија дека два дена подоцна, на 20 октомври, заедно ќе ѝ се обратат на јавноста и ќе ги откријат резултатите од преговорите.
Меркел изјави дека во првата фаза од разговорите сака со потенцијалните коалициски партнери да договори заедничка политика во врска со економските насоки, како и за семејните прашања и дигитализацијата.
Таа истакна дека ЦДУ и ЦСУ и во иднина ќе дејствуваат заеднички, и оти дека постигнале договор Германија годишно да прима максимално 200.000 мигранти, што беше барање на помалиот коалициски партнер од Баварија.
„Ние ќе продолжиме со борбата против илегалните миграции и трговијата со луѓе. Веќе преземаме соодветни мерки за контрола на миграцискиот бран. Имаме договор со Турција, а наши партнери се и земјите во Африка“, истакна Меркел.
Зихофер изрази задоволство од постигнатиот договор за максималниот број мигранти што ќе ги прими Германија, а додаде и дека тука не се вбројуваат странците и државјаните на земјите-членки на ЕУ кои го користат правото на слободно движење во рамките на Унијата.