Murat Ünlü
14 Мај 2017•Ажурирај: 15 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Емануел Макрон ја презеде функцијата претседател на Република Франција од неговиот претходник Франсоа Оланд и така стана осмиот претседател на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Свеченото примопредавање на должноста беше организирано во Елисејската палата во Париз, на што претходеше получасовен состанок на претседателот во заминување и новиот француски претседател, во текот на кој Оланд на својот наследник Макрон му ги предал кодовите за нуклеарните бомби, за кои се претпоставува дека Франција ги има околу 300.
Макрон и присутните со аплауз го испратија Оланд од палатата, а потоа репортерите го фотографираа најмладиот француски претседател Макрон и новата прва дама Брижит Макрон.
Во инаугуративното обраќање на присутните, Макрон рече дека му е дадена голема чест со тоа што е избран за прв човек на Франција, но дека е свесен за одговорноста што неговите гласачи му ја дале.
Нагласувајќи дека француските гласачи на претседателските избори ја избрале надежта, Макрон рече дека таква Франција на Европа ѝ е потребна повеќе од кога било досега.
„Кај Французите мора да ја вратиме самодовербата. На нас ни останува да изградиме свет кои го заслужуваат нашите млади. Заедно, можеме да ги испишеме најубавите страници на нашата историја“, рече Макрон и вети дека ќе ја реформира Европската Унија.
По преземањето на функцијата нов шеф на државата, на 39-годишниот Макрон му е врачен најголемиот државен орден „Legion d'Honneur“, кој го носел и Наполеон.
На церемонијата во Елисејската палата присуствуваа голем број офцијални лица и други гости, а Макрон во попладневните часови во својство на нов претседател на државата треба да положи венец на Триумфалната капија, а вечерва би требало да ѝ се обрати на јавноста, на свеченоста во градската палата.
Емануел Жан-Мишел Фредерик Макрон е роден во декември 1977 година, во Амиен, а како голем експерт за финансии претходно го има добиено прекарот „финансиски Моцарт“.
Покрај тоа што е најмладиот француски претседател, Макрон воедно е и првиот француски претседател кој претходно во својата политичка кариера не бил член на парламентот, ниту градоначалник на некој град.