Elena Teslova
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
МОСКВА (АA) - „Вооружените сили на Русија и Турција работат заедно на можните начини за надминување на ситуацијата во сириската покраина Идлиб“, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Anadolu Agency (AA).
„Русија е подготвена да продолжи со преземањето дејства предвидени со руско-турскиот договор за Идлиб, вклучувајќи го и формирањето на демилитаризирана зона за елиминирање на терористичките закани таму“, изјави Лавров на прес-конференција во Москва.
Министерот додаде дека во меѓувреме, ситуацијата на турско-сириската граница бара преземање итни чекори за спречување на вакуумот што би се создал на терен по повлекувањето на американските војници.
„Веруваме дека е можно Турција и Сирија да го искористат договорот направен меѓу нив, познат како Договорот од Адана склучен во 1998 година, за оваа цел“, рече тој.
Лавров нагласи дека сите прашања во врска со Сирија се важни и дека за нив ќе се дискутира на двете средби закажани за февруари - на 12. состанок на земјите гаранти според форматот од Астана и претседателскиот самит на Русија-Турција-Иран во Сочи.
Во септември минатата година, по состанокот помеѓу Ердоган и Путин, двете страни се согласија да се формира демилитаризирана зона во Идлиб, Сирија.
Според договорот, опозициските групи во Идлиб треба да останат во областите каде што веќе се присутни, а Русија и Турција да спроведуваат заеднички патроли во подрачјето, со цел да се спречи евентуално обновување на судирите.