Aylin Sırıklı
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, денес во Анкара изјави дека режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад продолжува со воените злосторства и злосторствата против човештвото во Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
„Режимот отворено продолжува со воените злосторства и злосторствата против човештвото во Алепо. Според изјавите на водачот на тој режим, кој денес можевме да го видиме во медиумите, јасно е дека режимот не е отворен за предлози што вклучуваат каква било формула за прекин на огнот и за примирје. Тоа е само показател на намерите и плановите на тој режим за Алепо и за другите делови на Сирија“, изјави Калин.
Калин потврди дека во рамките на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ во подрачјето на Сирија, од терористите на ДЕАШ досега се расчистени најмалку 1.800 квадратни километри територија.
„Офанзивата ‘Штитот на Еуфрат’ продолжува плански и одлучно. Особено е битно внимателно да се движиме во Ал Баб, каде што е голема концентрацијата на терористите на ДЕАШ. Во овој момент, регионот од 1.800 квадратни километри, од Џарабулус до Азаз, јужниот дел на Азаз и до Ал Баб, во потполност е исчистен од терористите“.
Тој исто така изјави дека информациите со кои располагаат турските власти потврдуваат дека нападот на турските војници во Сирија на 24. ноември ги извршила авијацијата на режимските војски на Башар ал-Асад.