Andaç Hongur Erpehlivan
02 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ
Европа не може да изгради подобра иднина борејќи се против исламот, порача Ибрахим Калин, портпаролот на Кабинетот на претседателот на Турција, и додаде дека исламските и западните општества мора подобро да се разбираат и да се слушаат меѓусебно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин во Истанбул се состана со младите академски работници од европските земји во склоп на програмата од Дипломатската академија на Фондацијата на млади на Турција (ТУГВА), а средбата е одржана во претседателскиот кабинет Долмабахче.
Наведувајќи дека денес Европа, освен со страв од исламот, е соочена со опасност од антиисламизмот, па дури и непријателства кон исламот, Калин продолжи:
„Европа не може да изгради подобра иднина борејќи се против исламот. Исламското и западното општество мораат подобро да се разбираат и да се слушаат меѓусебно. Споровите не мора да бидат и елементи на судири. Секако дека постојат разлики, но не мораме да доживуваме глобални судири, длабоки културни судири што ќе траат со векови. Процесот на маргинализација на исламот и муслиманите мора конечно да запре“, порача Калин.
Тој изјави и дека муслиманските поединци и заедници исто така мора подобро да ги разберат западните општества.
„Наместо да донесуваме генерални, хомогени судења, мораме да ги разбереме нијансите, разликите и длабочините на животниот стил, уметноста, политиката, спортот и трговијата на западното општество и културите, да ги разбереме и мораме да продолжиме по својот пат договарајќи се за културата и моралот на заедничкиот живот со нив“, изјави Калин.
Тој предупреди дека непријателскиот став и непријателството кон муслиманите би можеле да доведат до уште еден холокауст, масакр врз муслиманите.
„Затоа Европејците сега мора да преземат мерки на претпазливост. Како област каде што се тестира мултикултурализмот, прашањето како треба да се третираат муслиманите е исклучително важно. Од една страна ќе кажете „наука, разум, мисла, мултикултурализам“, но од друга рака ќе ја дехуманизирате заедницата само поради нејзините верувања, начин на живот или етничко потекло и ќе ја сметате за достојна за какво било зло. Како Европа ќе ја надмине оваа противречност?“, запраша Калин.