Eyüp Elevülü
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ОРДУ (АА) – Озлем Абча, по потекло од Орду, започна да се занимава со занаетот помагајќи му на својот сопруг, а сега ги надминува и перформансите на другите мајстори, јавува Anadolu Agency (AA).
Сопругот на Озлем Абча, Ахмет Абча (40), почнал да се занимава со производство на печки на дрва уште во училишните денови покрај неговиот татко. Откако се оженил, се преселил во Ѓургентепе, во населбата Ширинќој, каде што отворил своја работилница, но немал со кого да работи. Поради тоа, неговата сопруга почнала да му помага.
Таа на почетокот му носела јадење од дома и почнала полека да помага околу правењето на печките, за на крајот да стане мајстор во правење печки.
Со текот на годините, оваа двојка ја прошири својата работа и вработиле уште двајца. Озлем Абча му го намали товарот на својот сопруг во работата, и верува дека секоја работа што ја работи еден маж, може да ја работи и жена.
Озлем има 32 години и е мајка на 3 деца. Таа за АА изјави: „Срцето не ми даваше само да одам до работилницата на мојот сопруг, а да не работам, и така почнав да работам. А бев и заинтересирана. Започнав со мали работи. На почетокот цртав предмети и ги сечев. Човек кога има волја и е заинтересиран да работи, сѐ може да научи. Јас сум човек кој ја сака работата и не можам да седам без работа. Така што, со време го научив овој занает. Се обидувам да му помагам на мојот сопруг колку што можам“.
Таа се потсети дека кога ја отвориле работилницата со сопругот, имале едно мало дете. „Го оставав моето дете кај пријателка. Доаѓав кај сопругот за да не биде сам, му носев храна, и чај му правев. Заедно пиевме чај, а потоа тој се враќаше на работата. Бев тажна оти тој сам работеше. Така, почнав да подработувам по нешто. Му велев: ’Ти покажи ми како треба, и јас да научам’. На почетокот, тој не сакаше да ми покаже и ми велеше ’Ќе си ја пресечеш раката, ќе се изгориш, ќе се измориш. Оди кај детето’, велеше. Но, јас бев упорна“.
- „Ако може маж тоа да го работи, зошто не и жена?“ -
Според Озлем, не постои машка или женска работа. „Ако може маж тоа да го работи, зошто не и жена? Јас не можам работата да ја перципирам како машка или женска. Секоја работа што може да ја прави маж, може и жена. Така и јас, со текот на времето ја научив оваа работа. Да е жив и здрав мојот сопруг, ми покажа како се работи оваа работа. ’Ова ќе го направиш во оваа мера, ова вака ќе го пресечеш’, така ме учеше. Така и јас научив да правам печки“, истакна таа.
Озлем понатаму раскажа дека ова е тешка професија, па и ризична поради тоа што се работи на машини со коишто човек може да се пресече. Но, сепак нагласи дека е среќна затоа што работи со својот сопруг: „Од мој аспект, оваа работа секако е тешка, но има убави страни. Кога работиш заедно и со своја пот заработуваш, сето тоа вреди. Така што, човек и не се чувствува многу уморен“.
- Купувачите се чудат -
Озлем вели дека кога некој купувач ќе ја види со алат за заварување, се чуди. „Понекогаш доаѓаат за заварување. Кога ќе ме видат мене со алатот за заварување, се чудат и велат: ’Да те прашаме тебе сестро, или има некој мајстор?’ Многумина се чудат. А повеќето позитивно прифаќаат. Има реакции од типот: ’Заедно работите со сопругот, му помагаш, колку убаво’“, раскажува Озлем.
Нејзиниот сопруг Ахмет Абча рече дека работилницата ја отворил пред 5 години и оти со поддршката на неговата сопруга гледа шанса да ја прошири работата.
Тој раскажа дека благодарение на помошта од неговата сопруга, има можност да продолжи со професијата што му е аманет од татко му. „Мојата сопруга стана мајстор речиси како мене. Моментално ја работи работата што и јас ја работам. Ова е олеснително и за мене. Подоцна, со зголемувањето на работата, зедовмеуште двајца работници“, рече Ахмет.
Во врска со тоа како луѓето го прифаќаат фактот дека Озлем работи „машка“ работа, тој рече дека убаво ја прифаќаат и дека има позитивни реакции: „Има убави реакции. На пример, велат: ’И покрај тоа што е жена, му помага на сопругот, браво’. Поради ова сум горд на сопругата. Покрај позитивните критики, има негативни мислења“.