Ali Kemal Akan
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Заменик премиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, го оцени за неприфатлив инцидентот што се случи во понеделникот на аеродромот во Келн, кога турската делегација со заменичката на претседателот на турскиот Парламент беше задржана поради спор во врска со личните документи, јавува Anadolu Agency (AA).
„Начинот на кој германските официјални лица се однесуваа кон заменичката на претседателот на Парламентот, госпоѓа Бахчекапили, е неприфатлив од аспект на дипломатскиот кодекс и пријателските односи на двете земји. Тоа е јасно и грубо кршење на дипломатскиот кодекс. Очекуваме од германската влада да ги пронајде одговорните и да ги процесуира доколку владата како таква тврди дека станува збор за ненамерен чин и грешка на службениците. Очекуваме Владата на Германија да ги преземе потребните мерки во тој контекст,” порача Куртулмуш.
Заменичката на претседателот на турскиот Парламент, Ајше Нур Бахчекапили, во понеделникот беше задржана на аеродромот во Келн бидејќи патувала со привремени документи кои ѝ ги издала турската амбасада во Германија, откако пријавила дека ѝ е украдена торбата со пасошот. Германската полиција не ги прифатила привремените документи, туку претставничката на турскиот Парламент од редот на владејачката Партија за правда и развој (AK Партија), Бахчекапили, се сомничела дека илегално влегла во Германија.