Ahmet Sertan Usul,Sarp Özer
01 Ноември 2021•Ажурирај: 02 Ноември 2021
АНКАРА
Делегациите на министерствата за одбрана на Турција и САД планираат да одржат втор состанок за авионите од типот „Ф-35“ во Вашингтон за неколку месеци, потврдија извори на Министерството за национална одбрана на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Службеничката за анализа и оценка при Кабинетот за односи со медиумите на Министерството за одбрана на Турција, Пинар Кара, збогуваше на прес-конференцијата во Анкара, при што сподели информации за активностите на министерствата.
Говорејќи за борбата против тероризмот, Кара наведе дека турската Војска ја продолжува одлучната борба против терористичките организации ФЕТО, ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ.
„Од 24 јули 2015 година неутрализирани се вкупно 32.835 терористи, вклучително и во северен Ирак и Сирија, а од почетокот на оваа година неутрализирани се 2.360 терористи“, изјави Кара и додаде:
„За време на октомври во 27 операции во и надвор од границите на Турција неутрализирани се 279 терористи.“
Зборуваше и за минатонеделната средба на делегациите на министерствата за одбрана на Турција и на САД за програмата „Ф-35“.
„Одржан е првиот состанок. Двете страни ги изнесоа своите перспективи и ставови. Вториот состанок би требало да се одржи во Вашингтон за неколку месеци. На состаноците се дискутираше за начините за решавање на проблемите“, истакна Кара.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, неодамна изјави дека САД би требало да ги испорачаат борбените авиони „Ф-35“ што Турција ги платила, да ги вратат парите или наместо тоа да понудат некој друг производ.
САД во 2019 година објавија дека ја исклучуваат Турција од програмата „Ф-35“ поради нејзиното купување на рускиот ракетен одбранбен систем „С-400“.
Турција тврди дека „С-400“ нема да биде интегриран во системите на НАТО и дека не претставува закана за Алијансата или нејзиното вооружување. Анкара исто така во неколку наврати предлагаше основање комисија за решавање на ова прашање.