Halit Süleyman
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ИСТОЧНА ГУТА (АА) - Халит Сулејман - Училиштата, болниците, продавниците и другите места каде што се собираат голем број Сиријци со години се цел на напади, и на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад, и на другите страни што учествуваат во конфликтот во Сирија, пишува Anadolu Agency (AA).
Последниот таков напад на режимските сили се случи вчера во Џисрин, Источна Гута. Беше извршен напад на основно училиште и притоа загинаа седуммина ученици, а десетици беа ранети.
Учениците што во тоа време се наоѓаа во училиштето доживеаја голема траума и беа сведоци на ужасни сцени од своите другари од училиштето.
Нападот се случи во попладневните часови. Екипите на цивилната заштита од под урнатините извлекоа голем број ранети ученици, кои моментно се на лекување во различни здравствени центри во близина.
Екипата на АА ги посети ранетите ученици, а седумгодишниот Јамин Берек се сеќава само на ударот и дека се нашол облиен во крв.
„Имам рани на лицето и на грбот. Во болницата ме донесе еден човек. Сега сум подобро од вчера. Дворот на училиштето беше сиот во крв по нападот“, изјави ученикот во прво одделение.
Меѓу ранетите е и 12-годишниот Тарик Зигинд.
„Ракетата падна додека со пријателот бев на влезот од училиштето. Лицето ми беше во крв. Таков, во крв, трчав кон болницата. Во нападот се ранети и двајца мои браќа“, раскажа Тарик.
И Билал во нападот ги изгуби пријателите, но и тој е ранет.
„Не знам кој ме донесе до болницата“, изјави ова момче. Џемал Мухамед, еден од лекарите во болницата, потврди дека во нападот загинале седум, а ранети се повеќе од 25 ученици.
„Ранети се повеќе од 95 отсто од учениците на ова училиште. Децата за време на нападот беа во дворот на овој објект. Нападите се интензивираат во време кога децата одат на училиште“, изјави Мухамед.
Во Џисрин, кој се наоѓа источно од Кафр Батна, живеат околу четири илјади лица. Режимските сили повремено вршат напади со тешко вооружување во споменатото подрачје.
Источна Гута, која ги опфаќа населбите Џобар и Ајн Терму, веќе пет години е под режимска опсада. На состанокот одржан на 3. и 4. мај во Астана, Турција, Русија и Иран договорија Источна Гута да биде една од четирите зони без судири. Русија на 22. јули соопшти дека примирјето во Источна Гута стапило на сила, но и дека повремено доаѓа до напади од страна на режимот.