Fuat Kabakçı
07 Февруари 2018•Ажурирај: 07 Февруари 2018
ПЕКИНГ (АА) - Земјотресот со интензитет од 6 степени што го погоди источниот брег на островот Тајван досега одзеде 4 животи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата на Центарот за метеорологија на Тајван соопшти дека епицентарот на земјотресот со интензитет од 6 степени се случил на 18,3 километри североисточно од градот Хуанлиен, на длабочина од 10,6 километри.
Според информациите што ги објави Централната новинската агенција (CNA) во Тајван, официјалните лица соопштиле дека во земјотресот животот го загубиле 4 лица, а бројот на повредени изнесува 247 лица. Засега не може да се дојде до 82 лица кои се заробени под урнатините на зградите.
Во информациите се наведува дека од повредените дури 31 лице се странски државјани. Од полесно повредените странци 14-мина се Јужнокорејци, 9-мина се Јапонци, по двајца Чеси и Сингапурци, и едно лице е државјанин на Филипини. Во тек е постапка за идентификација на преостанатите лица.
Според извештајот на Центарот за раководење со итни операции на Хуанлиен, земјотресот предизвикал оштетувања на голем број згради, мостови и патишта во подрачјето. Од безбедносни причини, во градовите што се наоѓаат во близина на Хуанлиен, е намалена брзината на возовите на метро-линиите. Во градот е прекината наставата во образованието, а работните места се затворени. Противпожарните екипи и војската ги продолжуваат своите операции за откривање и спасување на преживеаните лица.
Ова утро во градот Хуанлиен пристигна Цаи Јингвен, претседателката на Тајван. Таа упати апел до припадниците на војската и до сите административни единици и персонал коишто учествуваат во спасувачката операција да вложат максимални напори за да ги пронајдат сите лица заробени под урнатините предизвикани од земјотресот.
Американскиот геолошки завод (УСГС) соопшти дека земјотресот во Тајван бил со интензитет од 6,4 степени.
Тајван во 1999 година го погоди земјотрес со интензитет од 7,6 степени. Во таа природна катастрофа животот го загубија повеќе од 2.300 лица.