свет

ЕУ воведува ограничување на емисиите на јаглерод диоксид за тешките возила

„Европскиот парламент и Советот постигнаа амбициозен и избалансиран договор. Новите цели и стимулации ќе помогнат во справувањето со емисиите, како и во заштедата на гориво за превозниците и почист воздух за сите Европејци“

Ebru Şengül  | 19.02.2019 - Обновена : 19.02.2019
ЕУ воведува ограничување на емисиите на јаглерод диоксид за тешките возила

Ankara

АНКАРА (АА) - Европскиот парламент и Советот постигнаа привремен договор за прописите поврзани со строгите стандарди за емисијата на јаглерод диоксид за тешките возила, соопшти Европската комисија (ЕК), пренесува Anadolu Agency (AA).

„Според договорот, емисиите од новите камиони ќе треба да бидат за 30 отсто помали во 2030 година во споредба со оние во 2019 година“, се вели во соопштението на Комисијата.

Договорот следува по спогодбата постигната во декември минатата година за новите стандарди за емисијата на јаглерод диоксид за автомобилите и лесните комбиња во ЕУ, за периодот по 2020 година.

„Со постигнатата согласност за првите стандарди на ЕУ за емисиите од камиони, ја завршуваме законската рамка за постигнување на европската цел за намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 40 проценти до 2030 година“, истакна Мигел Аријас Канете, комесарот за климатски активности и енергија.

„Европскиот парламент и Советот постигнаа амбициозен и избалансиран договор. Новите цели и стимулации ќе помогнат во справувањето со емисиите, како и во заштедата на гориво за превозниците и почист воздух за сите Европејци. За индустријата во ЕУ, ова е можност да ги прифатат иновациите кон точката на нулта емисија и понатаму да го зајакнат своето глобално лидерство во возилата со мала емисија“, додаде тој.

Европската комисија истакнува дека новата легислатива ќе им помогне кон постигнување на целите за емисијата на јаглерод диоксид на земјите членки, ќе поттикне иновации, ќе промовира решенија за „чиста мобилност“, ќе ја зајакне конкурентноста на индустријата на ЕУ и ќе го стимулира вработувањето, додека од друга страна, ќе ги намали трошоците за потрошувачката на гориво за превозниците и ќе придонесе за подобар квалитет на воздухот.

По овој привремен политички договор, текстот на регулативата ќе треба официјално да биде одобрен од Европскиот парламент и од Советот.

Комисијата соопшти дека откако ќе биде одобрена, регулативата ќе биде објавена во Службен весник на Унијата и веднаш ќе стапи во сила.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.