Enes Kaplan
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во претседателската палата во Анкара се сретна со управителите на околии, јавува Anadolu Agency (AA).
„Денеска можеме мудро да согледаме дека истите оние земји што до вчера во преден план ја ставаа борбата против ДЕАШ, каде и да е, ќе го земат ДЕАШ под своја заштита. Без да се земат предвид историјата на регионот, верите, етничкиот состав, културната структура, туку водејќи се според проекти планирани само на парче хартија, еден по еден се уриваат. Наоѓајќи се во средиштето на сиот овој хаос, Турција вложува напори да го направи најдоброто, како за себе, така и за своите браќа“, рече претседателот Ердоган истакнувајќи дека Турција ја продолжува својата борба против ДЕАШ.
- „Прв услов за успех...“ -
Зборувајќи за главниот услов за успехот на Турција на меѓународно поле и во борбата надвор од нејзините граници и нејзиното одржување, претседателот Ердоган рече:
„Доколку ние не сме во можност да обезбедиме мир, безбедност и благосостојба во сопствената земја, тогаш нашиот збор воопшто не би имал значење надвор од нашата земја, ниту би имало место каде што би можеле да направиме исчекор. Тоа е она што го посакуваат оние што ги охрабруваат и им даваат поттик за акции на терористичките организации“.
- „Мораме како Турција да бидеме силни“ -
Претседателот Ердоган истакна дека Турција е принудена да ја води борбата против тероризмот со сопствени сили.
„Турција е принудена во регионот сама да ја води борбата против тероризмот, со сопствени сили и со сопствените деца. Оние што не ја разбираат оваа ситуација или кои се против тоа, значи дека ги затвораат очите пред реалноста. Пријателство, сојузништво, добри односи, солидарност, соработка, сите овие нешта имаат логика доколку вие сте силни, во спротивно остануваат само на зборови. Затоа мораме како Турција да бидеме силни, како земја треба да бидеме силни, како власт треба да бидеме силни“.
- „Значајно колку и неутрализирањето на терористите“ -
Претседателот Ердоган на средбата со управителите на околии зборуваше за напорите што се вложуват против ФЕТО: „Потребно е да се заштитиме од помошниците на ФЕТО и на сепаратистичката организација кои се инфилтрирале во државата. Отстранувањето од државата на лицата што соработуваат со терористичките организации е подеднакво важно колку и неутрализирањето на вооружените терористи, бидејќи доколку нема поддршка од некого, не е можна акција од останатите“, рече претседателот Ердоган.
- „Терористите се непријатели на турскиот народ“ -
„Сите тие се толпа платени убијци кои ги продале своите умови и тела и со очи полни омраза, чекаат можност да ја уништат нашата земја, за да го исполнат своето ветување. Овие организации со своето крвопролевање претставуваат варвари на ова време“, истакна претседателот Ердоган и рече дека сите терористички организации се непријатели на Турција и на турскиот народ.
- „Немате право да ѝ се оддадете на летаргијата“ -
Претседателот Ердоган рече дека управителите на околии немаат право на грешка во својата работа:
„Доколку во околиите во кои сте одговорни, терористичките организации имаат формирано база, не заборавајте дека неизбежно, на некој начин од таму ќе излезе некој терорист што ќе го впери оружјето кон вас или кон некој друг недолжен во оваа држава. Од тој аспект, треба да знаете дека во нашата работа нема место за пропусти, грешки, невнимателност или летаргичност. Постојано велам: ‘национална мобилизација’. Вие сте на врвот од овој мој апел. На теренот, вие сте најважниот планер и изведувач на оваа национална мобилизација“.