Cansu Dikme
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
МУШ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Битката кај Малазгирт покажала каков е турскиот народ и додаде дека губењето на тој дух би значел губење на минатото и иднината, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес присуствува на програмата за одбележување на 947-годишнина од Битката кај Малазгирт, која беше клучна за влез на Селџучката војска во Анадолија.
По доаѓањето во турската област Битлис, Ердоган ги посети селџучките гробишта „Мејдан“ во подрачјето на Ахлат.
Тој најави дека во Ахлат ќе биде изграден голем центар на површина од десет илјади квадратни метри и дека и на тој начин ќе биде оддадена чест на историската победа која во тој регион е извојувана пред речиси милениум.
„Кога ќе погледнеме, пред Битката кај Малазгирит тука беа Мека, Ерусалим (Кудс), а ако погледнеме подоцна тука се Бурса, Едрене, Истанбул, Румелија и целиот Балкан“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган, исто така, порача дека Анадолија е своевидна брана со чие рушење не би останале ниту Блискиот Исток, ниту Африка, ниту Централна Азија, ниту Балканот, ниту Кавказ.
„Мораме да бидеме силни со сите институции. Во спротивно нема да ни дадат ни ден право да живееме на овие простори“, изјави Ердоган.
Битката кај Манцикерт, односно кај денешниот град Малазгирт во источна Турција, се одигра во 1071 година кога турските Селџуци под водство на султанот Алп Арслан го победија византискиот цар Роман IV.
Последица од поразот беше ослабената одбранбена моќ на Византијците, но и доселувањето на турското население во историската област Анадолија.
Битката кај Малазгирт во историјата се смета за пресуден настан кој непосредно е одговорен за подоцнежното распаѓање на Византија, а Селџуците носени со победата во таа битка ги продолжија своите победнички походи во Мала Азија.