Hatice Şenses Kurukız,Berk Özkan
08 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Истанбул изјави дека европските ѕидови на безбедност и просперитет се тресат, но не поради бегалците и муслиманите, туку дека тие ѕидови ги тресат нивните сопствени граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати на насобраните граѓани во истанбулскиот кварт Ускудар, на церемонијата по повод завршувањето на неколку значајни проекти во оваа истанбулска општина. Во фокус на обраќањето на Ердоган беа денешните протести на „Жолтите елеци“, кои се одржани во Франција, Белгија и Холандија, а за време на кои дојде до судири на демонстрантите и полицијата.
Ердоган изрази загриженост поради случувањата на улиците на европските градови.
„Се противиме на хаосот кој го предизвикуваат демонстрантите, но и на несразмерното насилство врз нив“, изјави турскиот претседател, и додаде:
„Оние кои поради политичкиот популизам го поттикнуваа антиисламот и антимигрантските ставови, упаднаа во јамите, ископани со свои раце. Sидовите на безбедност и просперитет, пред кои толку трепераа, почнаа да се тресат, но не поради бегалците или муслиманите, тие ѕидови ги тресат нивните сопствени граѓани.“
Ердоган нагласи дека денешната слика од улиците покажува дека Европа паднала на испитите од демократијата, човековите права и слободата.
„За време на протестите на „Жолтите елеци“ во Франција, досега се приведени 700 лица“, потврди државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Лоран Нунез. Тој додаде дека на протестите, кои денес се одржуваат во различни француски градови, се собрале повеќе од 31.000 граѓани.