Ekipa
23 Декември 2018•Ажурирај: 23 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес истакна дека израелскиот премиер спроведува државен терор, одговарајќи на објавениот твит на Нетанјаху во кој тој го напаѓа турскиот претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на свечено отворање во истанбулската населба Арнавуткој, турскиот претседател рече: „Нетанјаху, чукнавте на погрешна врата. Ердоган е гласот на угнетените, а Вие [Бенјамин Нетанјаху] сте гласот на угнетувачите. Вие спроведувате државен тероризам.“
„Израел нема право да обвинува никого пред да даде отчет за своите гревови, за злосторствата против човештвото, масакрите, уништувањата“, порача Ердоган.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на својот профил на Твитер претходно ги критикуваше турскиот претседател и Турција за антитерористичката операција што ја води против терористичката организација ПКК и за кипарското прашање.
Турскиот претседател Ердоган исто така нагласи дека на Нетанјаху не му е пријатно тоа што Турција секогаш стои до угнетените и напатените Палестинци.
„Израел ги угнетува и жените и децата, оставајќи ги на милоста на својата полиција и на војниците“, додаде тој.
Ердоган нагласи дека Турција се бори против тероризмот, не ги третира невините како терористи.