Ayşe Şensoy Boztepe
09 Октомври 2018•Ажурирај: 09 Октомври 2018
БУДИМПЕШТА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, за време на посетата на Унгарија изјави дека меѓународната заедница не ги исполнила обврските за решавање на прашањата за бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган присуствуваше на Унгарско-турскиот деловен форум во Будимпешта, и во оваа пригода потсети дека Турција пружила засолниште на 4 милиони бегалци, меѓу кои 3,5 милиони Сиријци.
На Форумот се осврна и на односите меѓу Унгарија и Турција, истакнувајќи дека, и покрај позитивниот раст, економските односи би можеле додатно да бидат унапредени.
„Трговијата помеѓу двете земји кои немаат никакви политички проблеми, кај кои се завршени правните инфраструктури во економскиот сектор, а кои се блиски како братски земји, треба да биде на повисоко ниво“, смета Ердоган.
Тој додаде дека турската и унгарската економија не се конкуренција една на друга, туку се надополнуваат и со користењето на сличности креираат синергија.
„Имаме потенцијал за значајна соработка во секторите туризам, енергија, логистика и прехранбена индустрија“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на прашањето за бегалците и мигрантите, истакнувајќи дека меѓународната заедница не ги исполнила своите одговорности кога станува збор за бегалската криза.
„Нашиот предлог за безбедни зони, кои ќе спасат животи на стотици илјади лица и ќе обезбедат останување на милиони лица во Сирија, на самиот почеток свесно го саботираа нашите сојузници“, смета Ердоган.
Тој изјави дека темелите на турската економија се цврсти и дека тука нема проблеми.
„Никој нема да успее да ја фрли турската економија и банкарскиот систем на колена, отпорни се на шокови“, истакна Ероган.
Укажа и на потребата за економска соработка со Унгарија. Како најголема препрека за потполно искористување на потенцијалот Ердоган го наведе тоа што сѐ уште не започнало да се работи на ревидирање на Царинската унија, како и на визите за турските државјани.
Тој се осврна и на борбата против тероризмот, како и на актуелните регионални прашања, меѓу кои се случувањата во Сирија и Ирак.
„На одредени кругови им пречат чекорите што Турција ги презеде во Сирија и Ирак за да ја обезбеди сопствената сигурност и да обезбеди мир за Сиријците. Со операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, Турција нанесе тежок удар на сепаратистичката закана за иднината на Сирија“, нагласи Ердоган.
Тој потсети дека со Договорот, кој на Самитот во Сочи е постигнат со рускиот претседател Владимир Путин, обезбедена е сигурност за 3,5 милиони Сиријци кои живеат во Идлиб. На крајот додаде дека со новата економска програма, претставена во септември, ќе се фокусираат на производи со висока додатна вредност.