Andaç Hongur
17 Септември 2017•Ажурирај: 18 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Ирак е целовита и неделива земја, и најавениот референдум за независност на Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак го нарече детска игра и голема грешка, јавува Anadolu Agency (AA).
Непосредно пред летот за Њујорк, каде ќе учествува на престојната 72. седница на Генералното собрание на ОН, Ердоган во обраќањето на новинарите на истанбулскиот аеродром „Ататурк“, изјави дека Турција и владата на Ирак имаат еднаков поглед на кризата поради најавениот референдум во северниот дел на Ирак, и дека и двете страни заговараат целовитост и суверенитет на Ирак.
Премиерот на Ирак, Хајдар ал-Абади предупреди дека Ирак е подготвен и на воена интервенција доколку најавениот референдум во северниот дел на земјата на 25 септември прерасте во нереди и насилство. Ердоган изјави дека поради тоа редовната седница на Советот на национална безбедност на Турција е преместена од 27 на 22 септември.
Укажувајќи на границата од 350 километри меѓу Турција и Ирак, и на длабоката историска врска меѓу народите на тој регион, Ердоган изјави дека е недопустливо властите на Курската регионална управа да ја продолжуваат политиката за поделба на Ирак.
„Многупати им кажавме дека референдумот и поделбата на Ирак се голема грешка и дека е тоа е недопустливо. Тоа се детски игри. Федералната влада на Ирак има свое право да ја брани целовитоста на државата и ние тука нема да се мешаме, но колку што гледам, исто размислуваме за тој проблем. За тоа во САД ќе разговарам и со ирачкиот премиер Абади“, изјави Ердоган.
Потсетувајќи дека по седницата на Владата за национална безбедност во Анкара, на 22 септември, ќе биде одржана и седница на Владата, Ердоган изјави дека тогаш ќе бидат донесени конкретни одлуки кои ќе претставуваат прецизен став на Турција за ситуацијата во северниот дел на Ирак.
Ердоган, во вторник, 19 септември, ќе има свое обраќање на Генералното собрание на ОН, а денес најави дека во таа пригода ќе се осврне на глобалната и регионалната криза и ќе повика на решавање на проблемот.
„Уште еднаш ќе укажеме на неопходноста од реформите во Советот за безбедност на ОН. Секогаш велиме дека светот е многу поголем од пет големи држави и тоа повторно ќе го ставиме на дневен ред“, изјави Ердоган.
На маргините на заседанието на Генералното собрание, Ердоган ќе се состане со многу официјални лица, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп.
„Посебна важност придаваме на состанокот со претседателот на САД, Трамп. Тој состанок ќе го имаме во важен период, кога се во прашање клучните настани во регионот и во светот. Ќе разговараме за многу нешта и уверен сум дека тоа ќе биде корисно за двете земји“, изјави Ердоган.
Тој најави дека посебно внимание за време на седницата на Генералното собрание и на состаноците на маргините на тој собир, ќе посвети на укажувањето на потребата за итно спречување на злосторствата над муслиманското малцинство во Мјанмар.