Cansu Dikme
23 Ноември 2017•Ажурирај: 24 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес истакна дека на турските воени училишта нема да биде дозволено да преовладува ниту една група или менталитет, јавува Anadolu Agency (AA).
Обраќајќи се на церемонијата на доделување дипломи на Универзитетот за Национална одбрана во Истанбул, Ердоган рече: „Нема да дозволиме ниту една идеологија, група или одреден менталитет да ја преземе контролата врз нашите [воени] училишта“.
Ердоган истакна дека турската Воена академија била меѓу главните центри на заговорниците на неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот лидер Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот државен удар, во кој загинаа 250 луѓе, а беа повредени над 2.200 лица.
Турскиот претседател додаде дека сите воени образовни институции во Турција сега се под еден покрив, Националниот Универзитет за одбрана, откако стариот образовен систем беше коригиран по неуспешниот државен удар.
Обраќајќи се на истата церемонија, началникот на турскиот Генералштаб, генералот Хулуси Акар, рече дека ФЕТО направи обид да го нападне добриот углед на турската војска за време на обидот за соборување на владата, на 15 јули 2016 година.
„Денес турскиот Генералштаб ја извршува својата должност, да ја брани сувереноста и независноста на земјата како што граѓаните очекуваат од него, со голема свесност и совршеност, која, како што се ослободува од инфилтрираните предавници станува сѐ посилен“.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на власта преку инфилтрација во турските институции, особено во војската, полицијата и во судството.