Handan Kazancı
04 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
КАИРО (АА) - Поранешниот египетски премиер и кандидат на претстојните претседателски избори, Ахмед Шафик, доцна синоќа во телевизиско интервју во живо ги негираше наводите дека бил киднапиран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Интервјуто на Ахмед Шафик на локалниот телевизиски канал „Dream 2“ (Сон 2) беше прво интервју откако тој на 2 декември се врати во Египет од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), по пет години самоиницијативен егзил.
Тој го повтори својот план да се кандидира на претседателските избори во 2018 година.
76-годишниот политичар пристигна во главниот град на Египет во саботата вечер, откако беше депортиран од Обединетите Арапски Емирати во текот на истиот ден.
Неговата адвокатка, Дина Адли, го соопшти неговото апсење на нејзината официјална страница на Фејсбук: „Властите на ОАЕ го уапсија Шафик во неговата куќа, за да го депортираат во Египет“.
Државната новинска агенција на Обединетите Арапски Емирати „ЕНА“ јави дека Шафик ги напуштил ОАЕ и заминал за Каиро по неговото притворање.
Според информациите од извори од Меѓународниот аеродром во Каиро, кога авионот на Шафик слетал бил пречекан од скоро 50 членови на семејството и приврзаници.
Ахмед Шафик - последниот египетски премиер од ерата на Мубарак - кон крајот на минатиот месец соопшти дека планира да се кандидира на претседателските избори во 2018 година.
Тој кратко време служеше како премиер во власта на претседателот Хосни Мубарак, кој се повлече на почетокот од 2011 година, по 18 дена од народните демонстрации против неговиот режим.
На првите слободни претседателски избори во Египет во 2012 година, Шафик загуби од Мухамед Морси, лидер на сега забранетата група „Муслиманско братство“. Оттогаш престојуваше во ОАЕ.