Најмалку шест лица загинаа додека Русија и Украина денес меѓусебно се обвинуваа за воздушни напади, по завршувањето на дводневните мировни разговори со посредство на САД меѓу двете земји, одржани претходно оваа недела во Абу Даби, главниот град на Обединети Арапски Емирати, јавува Анадолу.
Во Русија, гувернерот на Волгоградската Област, Андреј Бочаров, во објавата на Телеграм соопшти дека остатоци од соборени украински беспилотни летала паднале врз индустриски капацитет во јужната индустриска зона на регионалниот главен град и во околината, предизвикувајќи локализирани пожари.
Иако првично соопшти дека нема жртви ниту штета на станбената инфраструктура, подоцна Бочаров изјави дека четири лица загинале, а две биле повредени во ноќниот украински напад.
„Во населбата Светли Јар се оштетени прозорците и балконите на три петкатни станбени згради и еден младински центар. Нема жртви“, додаде Бочаров, наведувајќи дека на општинските власти им било наложено да го проценат обемот на штетата и да спроведат активности за расчистување и поправки.
Гувернерот на Ростовската Област, Јуриј Сљусар, соопшти дека едно лице било повредено откако остатоци од беспилотно летало предизвикале штета во регионалниот главен град Ростов на Дон и во повеќе окрузи во јужниот руски регион.
Сљусар прецизираше дека меѓу оштетените објекти и објектите на инфраструктурата има станбени згради, производствен капацитет и магацин.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, тврдеше дека вкупно 467 беспилотни летала биле соборени во периодот од 15 часот по Гринич во четвртокот до 5 часот во петокот, додека се движеле кон Московскиот Регион. Тој додаде дека 144 беспилотни летала биле пресретнати при приближувањето кон престолнината.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило 1.198 украински беспилотни летала во 17 региони, како и над Црното Море и Крим, кој Москва незаконски го анектираше во 2014 година.
- Напади врз Украина
Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 80 од вкупно 117 руски беспилотни летала лансирани во текот на ноќта.
Во украинскиот главен град Киев, локалната служба на Државната служба за вонредни ситуации на Украина (ДСНС) соопшти дека едно лице било повредено откако во руските напади била погодена болница во Шевченковскиот Округ, предизвикувајќи материјална штета.
„Персоналот на здравствената установа евакуираше 30 лица на безбедна локација, а уште седум лица беа спасени од припадниците на Државната служба за вонредни ситуации“, соопшти службата, наведувајќи дека бил изгаснат пожарот што избувнал во болницата.
Гувернерот на Ривненската Област, Олександр Ковал, соопшти дека шест лица биле повредени во северозападниот регион откако беспилотно летало погодило повеќекатна зграда во регионалниот главен град.
Гувернерот на Одеската Област, Олех Кипер, изјави дека едно лице загинало, а пет биле повредени во неговиот регион откако во руски напад биле оштетени станбени згради и патнички автомобили. Тој посочи дека спасувачките екипи и надлежните служби работат на санирање на последиците од нападот.
Исто така, за штета предизвикана од ноќните напади известија локалните власти во областите Черкаси, Днепропетровск, Харков, Суми, Виница и Запорожје, која соопшти дека загинало 17-годишно момче.
Независната проверка на тврдењата на Русија и Украина е отежната поради војната што сè уште трае.
Нападите во текот на ноќта се случија само два дена по завршувањето на мировните разговори меѓу Русија и Украина со посредство на САД, одржани во Обединетите Арапски Емирати во вторникот и средата. Меѓу резултатите од разговорите е и договорот за голема размена на воени заробеници, чии детали сè уште се разгледуваат.
Трилатералните мировни преговори беа први од февруари, кога руски, украински и американски претставници се сретнаа во Женева, Швајцарија. На таа средба ѝ претходеа две рунди мировни разговори во Абу Даби.
Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои го претставуваа Вашингтон на разговорите во Абу Даби, вчера се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а подоцна вечерта и со украинскиот претседател Владимир Зеленски во ирскиот главен град Даблин.
Според Кушнер, разговорите одржани од вторникот довеле до „значаен напредок во разбирањето на загриженоста на двете страни, утврдувањето на можните решенија и воспоставувањето пат за продолжување на процесот“.
„Двете страни сега се согласија следната рунда преговори да биде проширена со вклучување на нашите европски партнери. Тоа ќе ни овозможи да разговараме за пошироките повоени безбедносни аранжмани во Европа, паралелно со територијалните прашања меѓу Украина и Русија“, напиша тој на американската платформа за социјални медиуми Х.