Ekipa
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денес објави дека за државен секретар ќе го постави Рекс Тилерсон, главен извршен директор на „Ексон мобил“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кариерата на Рекс Тилерсон е олицетворение на американскиот сон. Преку напорна работа, посветеност и мудро постигнатите договори, Рекс ја помина целата хиерархија за да стане извршен директор на ‘Ексон мобил’, една од најголемите и најреномирани светски компании", изјави Трамп во соопштението.
Новоизбраниот претседател на САД нагласи: „Рекс знае како да управува со глобална компанија, што е многу важно за успешно работење на Стејт департментот“.
Трамп, исто така, додаде дека Тилерсон ќе биде лидер од светска класа, кој ќе работи во име на американскиот народ.
Во одделно соопштение, Тилерсон истакна дека му е чест што е избран за државен секретар и дека ја дели визијата на Трамп за враќање на кредибилитетот на САД во надворешните односи и унапредување на националната безбедност на земјата.