Bekim Laci
11 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин, во рамките на неговата официјална посета на Република Македонија, беше пречекан од неговиот македонски колега, Никола Димитров, со кого заедно потпишаа Меморандум за заемна соработка меѓу дипломатските академии кои функционираат во рамките на министерствата за надворешни работи на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата која се одржа во Министерсвото за надворешни работи на Република Македонија, Димитров истакна дека за време на неговата посета на Киев, заедно со министерот Климкин постигнале согласност да се потпише Договорот за укинување на визите меѓу двете земји, односно за целосно укинување на визите за краткорочен престој.
Димитров информираше дека на денешната средба се осврнале и на економските прашања, со посебен акцент на економската соработка, која сѐ уште има можност за интензивирање, особено поради фактот што Македонија и Украина имаат договор за слободна трговија, кој, како што рече, не дал очекувани резултати.
„Работиме на унапредување на овој договор, тој процес е веќе почнат. Имаме заедничка визија за стабилна, обединета и просперитетна Европа, и во таа смисла, реафирмирајќи ја взаемно приврзаноста кон европските принципи и вредности, се осврнавме и на европските и евроатлантските аспирации и интеграции на нашите две држави“, рече Димитров, и додаде дека двете земји, покрај различните предизвици кои ги имаат, се подготвени за меѓусебна поддршка.
Министерот за надворешни работи на Украина, Климкин, нагласи дека економската размена не треба да ги опфати само стоките и инвестициите, туку и размената на човечките и научните ресурси.
Укажувајќи на важноста на Македонија за Украина, Климкин истакна дека оваа земја е значаен партнер на Украина на Балканот, и дека заедно чекорат кон НАТО и ЕУ.
Тој упати благодарност до Владата за рехабилитацијата на нивните војници.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на Македонија што ја презеде обврската за рехабилитација на украинските војници, бидејќи ова за нас претставува нешто многу емоционално, една реална демонстрација на пријателството која понекогаш е многу поважна од формалните посети“, рече Климкин.
Шефот на украинската дипломатија во текот на денот ќе се сретне со претседателот на Собранието на Р. Македонија, Талат Џафери, додека подоцна заедно со министерот Димитров ќе одржат неформална средба во Охрид со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.