Bojana Stojanovic
11 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
БЕЛГРАД (АА) - „Србија припаѓа на европското семејство, таа е развиена земја и развиено општество со знаење“, изјави денес министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во Белград, истакнувајќи дека Грција не ја признала и нема да ја признае независноста на Косово, јавува Anadolu Аgency (AA).
Грчкиот министер на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ во Белград, изјави дека го повикал Дачиќ да дојде во мај на состанок во Сунион каде што државите на ЕУ ќе се состанат со пет потенцијални членки на ЕУ и дека Дачиќ тој повик го прифатил.
„Мислиме дека Србија припаѓа на европското семејство, таа е развиена земја и општество со технолошки знаења. Денес е потребно да разговараме, не само за поглавјата туку и за тоа како таа гледа на иднината на ЕУ“, изјави Коѕијас во Владата на Србија.
Тој изјави дека Грција чувствува одговорност во врска со стабилноста на регионот, и дека соработува со Србија во таа насока.
За отворањето на трговската канцеларија на Косово во Атина, тој изјави дека тоа не е никакво дипломатско претставништво, туку трговска канцеларија. Тој повтори дека Грција не го признала и нема да го признае Косово.
Како што објасни, на денешниот состанок со Дачиќ разговарале и за тоа како пријателството меѓу двете земји да се претвори во практична соработка.
Запрашан за спорот на Атина околу името на Македонија, грчкиот шеф на дипломатијата изјави дека во рамките на оваа турнеја ќе има можност да оди во Охрид каде што ќе разговара за тоа прашање.
„Клучот за решението на овој проблем е реализам, прагматизам и разбирање дека треба да направиме компромиси со кои ќе добијат двете страни, а не пропаднат компромис. Се надевам дека тоа ќе го сфатат двете страни во преговорите“, наведе тој.
На тоа шефот на српската дипломатија изјави дека е во интерес на сите во регионот тоа прашање да се реши, нагласувајќи дека Србија има големо разбирање за ставовите на Грција за тоа прашање.
„Тоа подразбира отстранување на проблемите кои се длабоки, како и на оние во случајот на Србија, длабоко вкоренети во минатото, традицијата и историјата на овој регион. Србија има големо разбирање за ставовите на Грција за тоа прашање“, наведе Дачиќ.

Тој ѝ се заблагодари на Грција на поддршката во врска со територијалниот интегритет на Србија.
„Ние сакаме Грција да ги има сите информации во текот на процесот, за тоа дека Србија е подготвена да учествува во дијалогот, да предложува различни опции за крајно решение, со цел јакнење на стабилноста и мирот во регионот, но многу западни земји не сакаат тоа прашање да биде на дневен ред, туку сметаат дека тоа е решено со еднострано признание на Косово“, изјави тој.
Според неговите зборови, Грција треба да знае дека Србија е определна за мир и компромис, но дека никогаш нема да ги признае едностраните акти.
Дачиќ се осврна и на отворањето на трговската канцеларија на Косово во Атина, истакнувајќи дека таа иницијатива е покрената пред неколку години, и дека воопшто не станува збор за тоа дека тоа е дипломатска канцеларија. Според него, отворањето на таа канцеларија нема никаква врска со тоа дали Грција ќе го признае Косово.
Двајцата министри разговараа и за подготовките за втората седница на Високиот совет за соработка на двете земји, која би требало да биде одржана во текот на годината во Србија.