Yunus İçen
04 Август 2017•Ажурирај: 05 Август 2017
АНТАЛИЈА (АА) - ЈУНУС ИЧЕН - И покрај предупредувањето на министерот за надворешни работи Зигмар Габриел, германските туристи не се откажуваат од летување во Турција, а најчесто летните денови ги поминуваат во Кемер, во близина на Анталија.
Претседателот на Здружението на туристичките работници, хотелиери и угостители во Кемер (KETOB), Тајар Ѓул, во изјава за АА истакна дека доаѓањето на туристите од Русија оваа година ќе го надмине минатогодишниот број од 1.100.000, а очекувањата се посетите на германските туристи да бидат на минатогодишното ниво, од околу 250 илјади.

Потсетувајќи на своевидната политичка криза меѓу Турција и Германија, Ѓул изјави дека се надева оти таа наскоро ќе биде надмината со оглед на традиционално добрите односи и соработката на двете земји која се рефлектира во сите гранки од индустријата, па и во туризмот.
Ехан Илери, директорот на еден од хотелите во Кемер, смета дека Германците нема лесно да се откажат од летувањето во Турција.
„Веќе во 2019 и 2020 година очекуваме рекордни посети од Германија, а се надеваме на поголем број на кинески туристи”, изјави Илери.
Уте Тансина (45) веќе 15 години летува во Кемер, а оваа година допатува со 19-годишната ќерка Луис.

Гостопримството на турскиот народ заедно со природните убавини, како што кажа, се комбинација која игра главна улога во одбирањето на оваа дестинација од година во година.
Пол Полсен (36) изјави дека во Турција не се случуваат работи за кои зборуваат германските политичари, и додаде дека оваа земја не заслужува во неа да се зборува на тој начин.
Во Кемер постојаниот престој има повеќе од две илјади странски државјани, а вкупниот број на жители на ова приморско место надминува 46 илјади.