Hajer M'tırı
15 Јули 2016•Ажурирај: 16 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Франсоа Оланд, по синоќешниот терористичкиот напад во Ница, во кој загинаа најмалку 84 лица, изјави дека Франција е нападната на денот на својот национален празник, кој е симбол на слобода, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на националната телевизија, Оланд изјави дека вонредната состојба што беше воведена по ноемвриските напади во Париз, а требаше да биде укината на 26. јули, по нападот во Ница ќе биде продолжена за уште три месеци.
Терористичкиот напад се случи за време на огнометот на прославата на националниот празник на Франција во Ница. Камион со бела боја се втурнал во толпа луѓе собрани на Англиската променада и низ неа возел два километра.
Потоа, според зборовите на сведок, излегол од камионот и почнал да пука во топлата. Подоцна напаѓачот е ликвидиран.
„Го осудувам овој терористички напад, кој никој не може да го негира и кој повторно нѐ врати во вонредна состојба. Франција во целина е под закана на тероризмот. Мораме да покажеме апсолутна будност и неисцрпна одлучност“, истакна Оланд во обраќањето на нацијата.
Додаде дека неговата земја ќе ги зајакне напорите во Сирија и Ирак и ќе се бори против оние што напаѓаат на нејзино тло. Оланд најави дека денес ќе отидат во Ница и ќе одржат состанок со претставниците на полицијата, жандармеријата и со локалните власти. Нападот во Ница се случи неколку часа откако Оланд најави дека на 26 јули ќе биде укината вонредната состојба, која стапи на сила по терористичкиот напад во Париз, на 13 ноември минатата година. Тогаш на неколку локации во главниот француски град беа убиени 130 лица.