Mehmet Tosun
26 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
АНКАРА (AA) – Годишникот на Anadolu Agency (AA) за 2016 година, кој има богата содржина во облик на фотографии и вести, се најде на одбрани интернет-страници преку кои може да се порача, јавува Anadolu Agency (AA).
Вработените на АА како и претходните години, и овој пат го изготвија годишникот на турски, англиски и на арапски јазик.
Во годишникот по хронолошки ред се објавени содржини за настаните од речиси сите краеви на светот што ја обележаа минатата година. Тој е тематски мошне разновиден, така што може да се прочитаат теми од политиката, уметноста, економијата, спортот и од културата.
Поради својата богата содржина за настаните од 1. јануари до 31. декември 2016, може да послужи како извор на информации за оние што се занимаваат со архивски документи, но и за сите љубители на историјата.
Во годишникот на арапски јазик, акцентот е ставен на настаните што го одбележаа арапскиот свет, додека во годишникот на англиски јазик особено внимание е посветено на случувањата во САД и во Европа.
Повеќе од 400 фотографии со висока резолуција се внимателно избрани и внесени во годишникот, а тие во целост, како од уредничка, така и од графичка гледна точка се подготвени од вработени во АА.
На корицата на годишникот се наоѓа фотографија од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, премиерот на земјата, Бинали Јилдирим, американскиот претседател Доналд Трамп, момчето Умран од Алепо, покојниот боксер Мухамед Али, како и фотографиите што го одбележаа 15. јули 2016, денот кога воени лица лојални на терористичката организација ФЕТО се обидоа да изведат државен удар во Турција.
Заменикот генерален директор на АА, Метин Мутаноглу изјави дека во годишникот се издвоени и настаните почнувајќи од 15. јули, до митингот на Јеникапи, одржан на 7. август, познат под името „Митинг на демократијата и загинатите херои“.
„Тоа беше критична пресвртница од аспект на турската демократија. Во годишникот посветивме посебен дел за тоа“, истакна Мутаноглу, кој додаде дека сакале прашањето за обидот за државен удар со особено внимание да биде обработено и притоа ништо да не биде изоставено, бидејќи во иднина годишникот ќе биде историски извор.
Тој додаде дека во годишникот се претставени и ставовите на сите политички партии во Турција кога станува збор за овој настан.
Мутаноглу истакна дека годишникот ќе биде испорачан до Националната библиотека на Турција, на универзитетите, како и до сите останати што се наоѓаат на фотографиите на корицата и во годишникот.
„Во годишникот се наведени и имињата на загинатите херои. Примерок ќе испратиме и до нивните семејства, како и до американскиот претседател Доналд Трамп“, истакна Мутаноглу.