Murat Kaya,Muhammed Enes Can
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Кривичниот суд во Истанбул издаде налог за апсење во отсуство на осумтемина турски војници пучисти кои по неуспешниот јулски обид за пуч од Турција пребегнаа во Грција, а грчкиот Врховен суд денес го одби барањето за нивно испорачување во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Одделот за борба против тероризам и организиран криминал при Обвинителството во Истанбул денес од 12. Кривичен суд во Истанбул побара да издаде налог за апсење на осумтемина пребегнати пучисти.
Дежурниот судија ги издаде налозите за апсење, кои ги побара Одделот што води истрага за неуспешниот воен удар што на 15 јули во Турција минатата година го изврши терористичката организација ФЕТО.
Судот исто така им нареди на надлежните органи да започнат постапка за подигање црвена потерница на Интерпол за осумтемина пребегнати пучисти.
Врховниот суд на Грција денес го одби барањето на Турција за испорака на осумтемина војници кои како припадници на терористичката организација ФЕТО учествуваа во неуспешниот јулски обид за пуч во Турција, а потоа со хеликоптер на турската војска пребегнаа во Грција.
Претходно, пониските грчки судови изрекоа првостепени пресуди според кои беше наредено тројца од пребегнатите пучисти да бидат испорачани на Турција, а петмина да бидат задржани во Грција. По подигнатата жалбена постапка, случајот се префрли во Врховниот суд во Атина.
Групата од осум пребегнати пучисти ја сочинуваат мајорите Ахмет Ѓузел и Генџај Бујук, капетаните Абдулах Јетик, Сулејман Озкајнакчи, Угур Учан и Феридун Чобан, како и офицерите Месут Фират и Билал Куруѓул.