Ekber Türkoğlu
26 Јануари 2017•Ажурирај: 27 Јануари 2017
ТОКАТ (АА) - Во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО, уапсениот Х.И. призна дека бил одговорен имам на ФЕТО за судиите и обвинителите во Измир и во Денизли, а за време на сведочењето во Обвинителството изјави дека вистинското лице на таа организација го видел дури на 15 јули минатата година, кога беше извршен неуспешниот обид за воен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Токат води истрага за структурата на терористичката организација ФЕТО инфилтрирана во судството и во обвинителството на Турција. Во рамките на таа истрага е уапсен и Х.И, кој како сведок покајник откри важни информации за таа организација.
Тој изјави дека голем број судии и обвинители во Турција биле поврзани со ФЕТО и дека добивале инструкции и пораки од водачот на таа организација, Фетула Ѓулен, за своите структури во правосудството да ги одржат обединети.
„Тие пораки и инструкции главно доаѓаа во пишана или во усна форма како прераскажани сонови или приказни. Дури и со прецизни временски одредници ни беше зборувано дека сѐ ќе биде решено и дека џематот ќе ја врати својата сила и моќ. Тоа беше ширено по медиумските и интернет-каналите со посредство на страниците Херкул и Бамтели“, изјави Х.И.
Тој истакна дека со судииите и обвинителите за кој бил одговорен комуницирал телефонски и со посебни и тајни канали. Исто така Х.И. појасни дека користеле анонимни телефонски картички и често ги менувале за да не бидат откриени, но трошоците главно биле на товар на судовите.
„По обидот за воен удар на 15 јули не комуницирав со овие луѓе на тој начин. Не мислев дека ќе дојде до обид за пуч, но меѓу судиите и обвинителите имаше такви што ја проколнуваа турската власт. Не се сеќавам на имињата, но еден од нив неодамна ми кажа дека турските затвори биле полни со нашите браќа од сите професии и дека Турција ќе се соочи со огромен проблем од кој ние како организација ќе ја преземеме власта во земјата“, изјави овој сведок.
Х.И. истакна дека овој припадник на ФЕТО тогаш му појаснил дека нивните браќа завршиле во затвор „по волја на Алах“, за да бидат сочувани и подоцна да ја преземат земјата, и дека тоа ѝ го раскажал на својата сопруга, па заедно се смееле на тие глупости.
„Сопругата и јас коментиравме колку тоа е бесмислено, бидејќи никој на таквите луѓе не може да им верува и да им допушти да се грижат за нашите деца. Тоа се големи лажговци кои живеат надвор од реалниот свет, во лаги. Нивното вистинско лице го видов дури на 15 јули“, изјави сведокот.