Sibel Uğurlu
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Три палестински деца загинаа денес во израелски воздушен напад во близина на источната граница на Појасот Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Екипите на итната медицинска помош пренесоа тела на три деца на возраст помеѓу 12 и 14 години од местото каде што се случи израелскиот воздушен напад, во јужна Газа“, соопшти портпаролот на Министерството Ешреф ал Кидра.
Тој додаде дека децата биле префрлени во болница во Деир ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа.
Израелската Армија тврди дека „децата се обидувале да ја оштетат безбедносната ограда и очигледно поставиле експлозивна направа“.
Во последните седум месеци, Палестинците во Газа одржуваат редовни демонстрации долж тампон зоната помеѓу Газа и Израел барајќи да се вратат во своите домови во историската Палестина од кои беа истерани во 1948 година.
Тие исто така бараат ставање крај на 12-годишната блокада на Појасот Газа, која ја уништи економијата на крајбрежната енклава и ги лиши нејзините жители од многу основни потреби.
Од почетокот на демонстрациите на 30 март, животот го загубија 200 Палестинци, а илјадници се повредени од страна на израелски сили распоредени од спротивната страна на тампон зоната.