Zehra Ulucak
28 Октомври 2018•Ажурирај: 28 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Во Бразил се одржува вториот круг од претседателските избори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 7 октомври, а вториот круг е организиран откако ниту еден од кандидатите не го доби потребниот број гласови.
Во трката за местото шеф на државата останаа кандидатот на Социјал-либералната партија (PSL), Жаир Болсонаро, кој во првиот круг освои 46 отсто од гласовите и кандидатот на Работничката партија (PT), Фернандо Хадад, кој во првиот круг освои 29 отсто од гласовите.
Право на глас имаат 147 милиони гласачи.
Анкетите спроведени пред вториот круг укажуваат дека фаворит е Болсонаро.
Жаир Болсонаро е поранешен капетан во бразилската Војска, а познат е по острата реторика кога станува збор за борбата против корупцијата и криминалот.
Работничката партија на 16 август до Врховниот изборен суд поднесе барање во врска со кандидатурата на Лула да Силва, кој се наоѓа во затвор. Судот на 1 септември донесе одлука дека Лула да Силва не може да биде кандидат на претседателските избори. Врвот на Работничката партија на 11 септември одлучи дека нивен кандидат ќе биде Хадад наместо Лула.
Фернандо Хадад е поранешен градоначалник на Сао Паоло, и беше втор кандидат со најмногу освоени гласови во првиот круг на претседателските избори.