Ekipa
23 Јануари 2017•Ажурирај: 23 Јануари 2017
АСТАНА (АА) - Во главниот град на Казахстан, Астана, денес започна состанок за изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Сирија на кој учествуваат делегации на сириската опозиција, на сирискиот режим, Турција, Русија, Иран и САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА јавува дека вчера во Астана допатувале воените претставници на сириската опозиција, кои одржале интерен состанок на кој ги усогласувале ставовите за единствено настапување на денешниот состанок.
Сириските опозициски претставници во пресрет на состанокот во Астана, се консултираа и со делегацијата на Турција, која ја предводи претставникот од Министерството за надворешни работи, Седар Онал, како и со дипломатите од Германија, Велика Британија, Франција и Данска.
Состанокот во Астана за Сирија е организиран со посредство на Турција и Русија, кои се земји-гаранти за прекинот на огнот, постигнат на 30 декември во Сирија.
Значењето на состанокот во Астана се состои од тоа што иницијаторите сакаат на него да биде остварено најмасовно учество на групите на сириската опозиција. Тоа ќе биде прв состанок на којшто сириската опозиција ќе ја претставуваат претставници на бунтовничките групи кои учествуваат во судирите во Сирија.
За разлика од претходните состаноци во Женева, денес во Астана на преговарачка маса седат делегациите на сириската опозиција и режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Претходно тие средби беа индиректни и без конкретни резултати.
Паралелно со тоа, на преговарачка маса за првпат се среќаваат и делегациите на Русија и Иран со обединетите сириски опозиционери.
Претставнци на делегацијата на сириската опозиција за АА изјавија дека ќе поднесат извештај за кршењето на примирјето од страна на силите на сирискиот режим и неговите лојални групи од странски терористи.
Сириските бунтовници во потполност ќе бараат да се почитува примирјето и силите на режимот да се повлечат од подрачјето заземено за време на прогласувањето на примирјето кон крајот на декември.
Во втората фаза, опозицијата има намера да бара отворање на хуманитарни коридори во Дамаск и Хомс, и ослободување на затворениците од режимските затвори.
Од Министерството за надворешни работи на Казахстан, соопштено е дека состанокот за Сирија ќе трае до утре, во 13.00 часот. Станува збор за состанок зад затворени врати на кој присуствува и специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.
Иницијаторите на состанокот, Турција и Русија, успеаја да постигнат договор со властите на Иран на состанокот да присуствува и делегација од САД, иако официјален Техеран бараше поинаку, по неодамнешните критики кои новиот американски претседател Доналд Трамп ги упати кон Иран.
Со нормализирањето на односите помеѓу Турција и Русија, двете земји интервенираа во евакуацијата на цивилите од Алепо, а потоа и во воспоставувањето на прекинот на судирите во Сирија. Турција успеја да ги собере групите на сириската опозиција околу неопходноста за почитувањето на примирјето, а растот на доверба на релација Анкара-Москва резултираше и со нова иницијатива во форма на утрешниот состанок во Астана.
Иако западните официјални лица праќаат позитивни пораки во врска со таа иницијатива, од нивните изјави е јасно дека сакаат преговарачката маса за Сирија да се врати во Женева.