Ekipa
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
КАБУЛ (АА) - Порасна на 80 лица бројот на загинатите во бомбашкиот напад извршен во подрачјето на Вазир Акбар Хан, во главниот град на Авганистан, Кабул, во областа во која се наоѓаат дипломатски претставништва, јавува Anadolu Agency (AA).
Вахидулах Макрух, претставник од Министерството за здравство, во изјава за АА соопшти дека во нападот загинале 80 лица, претежно цивили, а 350 се повредени.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Наџив Даниш, соопшти дека експлодираната бомба била поставена на една цистерна во таа област.
Експлозијата се почувствувала во секој дел од главниот град. Поголемиот дел од зградите во Вазир Акбар Хан се оштетени, а околу 30 возила се опожарени.
Полицијата ги затвори патиштата што водат кон овој реон.
Германското министерство за надворешни работи, чијашто амбасада се наоѓа во реонот, соопшти дека се повредени некои вработени на амбасадата, а загинал безбедносниот сужбеник, Авганистанец.
Исто така, турската амбасада се наоѓа во близина на ова место. Според добиените информации, нема загинати во амбасадата, а на зградата на претставништвото е причинета мала материјална штета.