Selen Temizer
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
ДАМАСК (АА) - Сирискиот претседател Башар ал Асад изрази подготвеност да разговара за сите прашања на мировните преговори меѓу завојуваните страни во Сирија, што ќе се одржат во Астана, Казахстан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Асад во интервју за француските медиуми, кое го пренесе и сириската официјална новинска агенција САНА, зборуваше за мировните преговори во Астана, кои треба да се одржат кон крајот на јануари.
Тој изјави дека режимот за време на политичките преговори што ќе се одржат во Астана е подготвен да разговара за сите прашања.
„Не постои ограничување за преговорите кои ќе стават крај на кризата и на кои ќе се дискутира за иднината на Сирија. Но, кој ќе биде од другата страна на масата? Тоа сè уште не го знаеме. Дали тоа ќе биде вистинската сириска опозиција? Кога велам ,вистинската' зборувам за оние чии корени се во Сирија. Не Саудијците, Французите или Британците. Успехот на преговорите зависи од тоа“, рече Асад.
На прашањето дали е подготвен да преговара и за прашањето на неговата позиција како претседател, Асад рече дека е подготвен, но дека неговата позиција зависи од Уставот.
„Со Уставот е предвиден механизам за поставување или менување на претседател. Ако сакаат да зборуваат за ова прашање, треба да разговараат за Уставот. Уставот не припаѓа ниту на владата, ниту на претседателот, ниту на опозицијата. Треба да припаѓа на сирискиот народ. За секој Устав потребен ви е референдум. Тоа е едно од прашањата за коешто ќе се разговара на средбата (во Астана). Но, не можам да кажам ,го сакаме или не го сакаме овој претседател'. Бидејќи претседателот зависи од изборот. Ако не го сакате, да излеземе на избори“, рече тој.
На прашањето за тоа која ќе биде судбината на оружената опозиција, Асад рече дека припадниците на опозицијата, кои ќе го положат оружјето, ќе бидат амнестирани.
Договорот за прекин на огнот меѓу завојуваните страни со посредство на Турција и Русија стапи во сила на 30 декември. Но, силите на режимот и неговите приврзаници го прекршија договорот.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на 4 јануари изјави дека доколу страните се придржуваат до договорот, преговорите во Астана ќе бидат одржани на 23 јануари.
Во моментов, силите на режимот го кршат договорот за прекин на огнот во Источна Гута, во Дамаск, во долината Барада, Дера и руралното подрачје во јужниот дел на Алепо.