Ekipa
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - На денешните индиректни претседателски избори во земјата, според прелиминарните резултати, Ариф Алви е избран за 13. претседател на Пакистан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Гласањето се одржа во Парламентот во главниот град Исламабад.
Во тајното гласање учествуваа законодавците од Сенатот, Националното собрание и четирите провинциски собранија.
Државната телевизија на Пакистан јави дека Алви, кој беше кандидат од владејачката партија на Пакистан, Техрик-е-Инсаф (PTI) и нејзините коалициски партнери освоил 353 од вкупно 706 гласа.
Кандидатот од опозициската партија и челник на Унијата на религиозни партии „Мутахида Меџлис-е-Амал“, Мевлана Фазлур, освои 184 гласа, додека кандидатот на левичарската пакистанска Народна партија, Аитзаз Ахсан, зеде 123 гласа.
Изборната комисија на Пакистан утре ќе ги објави официјалните резултати од изборите.
Во својот победнички говор, Алви им се заблагодари на законодавците кои гласаа за него, уверувајќи ги дека ќе биде претседател на Пакистан, а не на својата партија.
„Ја уверувам нацијата дека сега сум претседател на Пакситан, а не на една партија. Ќе работам напорно за добробитта на нацијата“, изјави Алви пред новинарите.
Се очекува новиот претседател да положи заклетва на 9 септември.
Во Пакистан, претседателот претставува симбол на обединувањето, челник на државата и главен командант на вооружените сили, но овластувањата ги користи само по препорака на премиерот на земјата.