Ekipa
13 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
АНКАРА (АА) - Заменик-премиерот на Република Турција, Реџеп Акдаг, најави дека Владата планира со низа мерки да ги интензивира инвестициите и да привлече странски инвеститори, јавува Anadolu Agency (AA).
Акдаг најави дека во сите турски области ќе бидат отворени канцеларии за контакт со цел подобра координација на активностите и обезбедување поддршка за инвеститорите. Тој додаде дека инвеститорите своите барања ќе ги предаваат на една канцеларија, а потоа надлежните институции соодветно ќе го спроведат случајот со цел инвеститорот да не мора лично да оди од една институција до друга.
„Владата на Турција се фокусира на подобрување на инвестициската клима, со цел да се зголеми економскиот раст. Намалувањето на бирократијата е главната тема. Ние, креаторите на политиките, ќе бидеме повеќе на терен“, рече Акдаг во интервју за АА.
Тој, исто така, го најави и основањето на системот за мониторинг кој ќе ги следи инвеститорите и ќе им укажува на привилегиите што ги имаат.
Во последниот извештај „Doing Business“ од октомври минатата година, Турција се наоѓаше на 69. место според поволностите за инвестирање.
По низа реформи, во првиот квартал од оваа година Турција оствари економски раст од пет проценти, а Владата планира до крајот на годината го задржи тој тренд. Поради успехот во првиот квартал, Светската банка во јуни оваа година го покрена проектираниот годишен раст на Турција од 3 на 3,5 отсто, а истото го направи и Организацијата за економска соработка и развој.
Според податоците на турската владина Агенција за поддршка и промоција на инвестициите, во изминатите 14 години странските инвеститори во земјата имаат вложено 185 милијарди долари.
Турски вицепремиер Акдаг до неодамна ја извршуваше функцијата министер за здравство и од таа функција водеше низа големи инвестициски проекти во турското здравство.
„Турција е добро место за да се заработат пари, а ние сме решени да ја направиме да биде уште подобро и посоодветно место за тоа“, порача Акдаг.
Тој истакна дека актуелната вонредна состојба во Турција нема негативни влијанија врз инвеститорите, и дека за тоа не треба да биде загрижена ниту една компанија, освен оние кои се поврзани со некоја терористичка организација.
„Ниеден меѓународен инвеститор не беше оштетен поради вонредната состојба. Ниту еден. Ќе продолжиме да покажуваме дека Турција е безбедна земја и дека е погодна за инвеститорите кои сакаат да заработат пари“, рече Акдаг.
Вонредната состојба во Турција беше прогласена пет дена по неуспешниот обид за државен удар минатиот јули, кој го изведе терористичката организација ФЕТО. Релевантните турски институции спроведуваат обемна истрага за сите субјекти поврзани со терористичката група, вклучувајќи и голем број на компании.
Вицепремиерот Акдаг рече дека ќе бидат темелно истражени сите случаи, доколку одредени стопански субјекти поднесат претставка дека биле неправедно третирани во текот на овој период.
„Вонредната состојба нема да трае вечно, ќе ја укинеме штом извршиме доволен притисок врз сите сегменти на терористичката организација“, заклучи Акдаг.