Ekipa
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АСТАНА (АА) - Специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за Сирија, Александар Лаврентиев, истакна дека доцнењето со ангажманот на руските сили за следење на преимирјето во Идлиб е поради безбедносни причини, и дека руската делегација за ова прашање е во преговори со делегациите на Турција и Иран кои се исто така, гаранти на примирјето, јавува Anadolu Agency (AA).
Во казахстанскиот главен град Астана заврши првиот ден од седмиот круг сириски мировни преговори, а шефот на руската делегација, Лаврентиев, за новинарите изјави дека делегациите на Русија, Турција и на Иран продолжуваат со координираната работа за воспоставување на прекин на судирите во Идлиб, кој е еден од четирите зони без судири во Сирија.
„Ние пред месец и половина поставивме мировни набљудувачи на десет пунктови во Идлиб. По провокациите и нападите врз еден пункт ние одговоривме и ги повлековме своите сили. Се одлучивме, поради безбедносни причини, привремено да ги повлечеме своите набљудувачи. Сега разговараме за повторен ангажман“, рече Лаврентиев.
Тој истакна дека Русија сака да организира национален дијалог меѓу Сиријците, и додаде дека овој состанок може да се одржи во руската воена база во Сирија или на територијата на Русија.
Од друга страна, делегациите на сириската опозиција не реагираа позитивно на тој руски предлог.
Дводневниот круг преговори во Астана се води на иницијатива на Турција, Русија и на Иран, а учествуваат делегација на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, на вооружените бунтовнички групи, како и делегации на Обединетите нации, САД и на Јордан.
Главна тема на седмиот круг преговори треба да биде ослободувањето на заробените од сириските затвори. Опозицијата на почетокот од овој месец до руската делегација за посредување достави список на повеќе од 12.000 затвореници во Хомс.
Делегациите на Русија и на Турција утрово разговараа за кршењето на прекинот на огнот од страна на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Делегацијата на Ослободителната војска на Сирија соопшти дека на делегацијата на Обединетите нации ќе ѝ предаде четири досиеја за кршењето на примирјето од страна на сирискиот режим, за злосторствата што ги вршат режимските и проиранските сили, за состојбата во затворите и за демографските промени што ги спроведуваат режимските, проиранските и терористичките сили на ПКК / ПЈД.
Во Астана треба да се дискутира и за почетокот на процесот за отстранување на остатокот од минско-експлозивните средства од областите во коишто судирите престанаа.
Делегациите, исто така, ќе разговараат и за тоа во продолжението на преговорите да се вклучат земји-набљудувачи, пред сѐ, Кина и Ирак.
Како и во досегашните преговори, и овој пат на дневен ред треба да биде отворањето коридори за достава на хуманитарна помош за цивилите.
На преговорите во Астана во почетокот на мај беше договорено да се формираат четири зони без судири во подрачјата на најжестоките судири во Сирија. Со договор меѓу Русија и САД, Дераја и Кунејтра беа прогласени за сигурни зони, и за овие региони се водат одделни преговори. Русија во јули испрати полициски сили за контрола на спроведувањето на прекинот на огнот во овие региони.
Паралелно со тоа, руското Министерство за одбрана во почетокот на јули објави дека е прогласен прекин на огнот и во Источна Гута кај Дамаск, но во почетокот на август е откриено дека договорот го има потпишано само една бунтовничка група. Силите лојални на режимот на Асад продолжувааат да вршат артилериски и воздушни напади на Источна Гута.
Во текот на последниот круг од преговорите во Астана, беше постигнат договор за границите на Идлиб во чии рамки ќе биде во сила договореното примирје. Според договорот, турските безбедносни сили се ангажирани на теренот.
По завршувањето на утрешната средба во Астана, треба да биде објавена и заедничка изјава на учесниците во седмата рунда преговори за Сирија.