Faruk Zorlu
23 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по средбата со својот руски колега Владимир Путин, ја потенцираше потребата од заедничка бoрба против терористичките организации, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да укажам на потребата од една заедничка борба против терористичките организации, чија цел е да ја поткопаат турско-руската соработка“, рече Ердоган во обраќањето на заедничката прес-конференција со рускиот претседател во Москва.
„Нашата заедничка борба против терористичките организации во Идлиб ќе биде продолжена на истиот начин. Лидерите како и нашите ресорни министри ги продолжуваат разговорите за прашањето за безбедносната зона во Сирија“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека е од огромно значење да не се појави празнина која би ја злоупотребиле терористите за време на процесот на повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од Сирија.
„Потребно е што побрзо да се заврши процесот на формирање на уставотворната комисија на Сирија“, изјави турскиот претседател.
Рускиот претседател, Владимир Путин, од своја страна истакна дека состанокот со претседателот Ердоган бил особено конструктивен и дека е одржан во атмосфера на разговори за билатералните односи.
„Работиме на трајно решавање на сириското прашање. Сакаме ова прашање да се реши со политички и дипломатски средства“, изјави Путин на прес-конференцијата.
Тој истакна дека би бил позитивен чекор, доколку се оствари планот на САД за повлекување на нивните трупи од Сирија.
Путин рече дека Русија и Турција постигнале договор да работат на додатните мерки за спроведување на меморандумот за Идлиб.
„Согласни сме со Турција во врска со прашањето за борбата против сите терористи“, изјави рускиот претседател и додаде дека Русија наскоро ќе биде домаќин на трилатералниот самит на Москва, Анкара и Техеран за Сирија.
Претседателот Ердоган допатува денес во еднодневна работна посета на Русија.
Ердоган на московскот аеродром „Внуково“ го дочекаа заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, челникот на Одделот на државниот протокол Игор Богдашев, амбасадорот на Република Турција во Москва, Мехмет Самсар и другите официјални претставници.
Делегацијата ја сочинуваа турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, претседателот на турската разузнавачка служба МИТ, Хакан Фидан, шефот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, и портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин.
Освен состанокот со претседателот Путин, одржан е и состанок на делегациите на двете земји на кој се разговараше за билатералната соработка, регионалните и глобалните прашања, меѓу кои и за ситуацијата во Сирија.