Sarp Özer,Aynur Ekiz
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, имаше свое обраќање на програмата под наслов „Шума за луѓето, шума за економијата“ во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
„Велат: 'Претседателот може да ги затвори сите ресторани'. Имајте милост, и лагата и фалбата имаат одредена граница. Неговите лаги немаат кочници. Чекам да видам кога ќе им дојде редот на фарбарите, пекарите, семкарите. Ние сакаме да го воведеме претседателскиот систем, не за да затвориме некое место, туку за да го отвориме патот пред оваа земја и пред овој народ“, изјави претседателот Ердоган.
- „Не слушајте ги лагите на опозицијата“ -
„Моја молба до народот е следното: не слушајте ги лагите на опозицијата. Зар ние ќе ја започневме сета оваа работа околу измените на Уставот за новиот систем во државата, доколку не верувавме дека тоа ќе биде во корист за државата и за народот?”, рече турскиот претседател во понатамошното свое обраќање.
- „Ќе побараме одговорност за нашиот брат, Хусеин Курт“ -
Околу скандалозното однесување на некои европски земји, претседателот Ердоган го рече следното:
„За да не им се дозволи влез на нашите министри во нивните земји, прибегнаа кон сите средства, прекршувајќи ги сите видови дипломатски конвенции, дури и воведоа вонредна состојба за време од два часа. Излегува дека во Европа, и општините можат да воведат вонредна состојба. Господата се вознемирени од вонредната состојба што ние ја воведовме. Гледајте си ја работата...“
„Со години ни зборуваат, наметнувајќи ни ги 'критериумите на Европската Унија', додека сега, сѐ што постоеше, самите го погазија. Нека заврши 16 април. По 16 април ќе седнеме на заедничка маса и ќе поразговараме. Овој свет не може да продолжи вака. Ние како Турција ќе го направиме она што е потребно. Ќе ја побарам сметката за мојот државјанин, Хусеин Курт, кој беше влечен по улиците на Холанија“, рече претседателот Ердоган.
- Со сопствени раце ги симнаа своите маски“ -
„Со прикажаниот став, првенствено кон Сирија, а потоа и со ставот кон референдумот во Турција закажан за 16 април, Европјаните со сопствени раце ги симнаа своите маски“, рече претседателот на Турција, Ердоган, за однесувањето на европските земји.