Diyar Güldoğan
08 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пречекан е со највисоки државни почести во главниот град на Хрватска, Загреб, последната станица од неговата балканска турнеја, во чии рамки претходно ги посети Босна и Херцеговина и Србија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател беше пречекан од неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ. Церемонијата на свечениот пречек започна со интонирање на националните химни на Хрватска и Туркије, а потоа турскиот претседател ја поздрави почесната гарда.
По состанокот меѓу Ердоган и Милановиќ, ќе се одржи состанок и меѓу делегациите, по што ќе следува заедничка прес-конференција.
За време на разговорите ќе бидат разгледани сите аспекти на билатералните односи и ќе се разговара за чекорите за унапредување на соработката во различни области. На дневен ред ќе бидат и случувањата на Балканот и меѓународните прашања.
Ердоган подоцна ќе го отвори Центарот за исламска култура во градот Сисак.
По церемонијата на положување венец на Споменикот на татковината во Загреб, Ердоган ќе оствари средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Подоцна, тој ќе присуствува на Турско-хрватскиот бизнис-форум и на официјалната вечера организирана од страна на Милановиќ.
Ердоган во вторникот ја започна својата балканска турнеја со посета на Босна и Херцеговина, а потоа и на Србија.
Балканот е приоритет за Туркије не само поради политички, економски и географски причини, туку и поради нејзините историски, културни и човечки врски со регионот.