ЗАГРЕБ (АА) - Со оглед на тоа што извозот на жито од Украина е во тек според историскиот договор склучен во Истанбул, Туркије ја поддржува и испораката на жито од Русија што очекува да се случи наскоро, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакаме да започне и испораката на жито од Русија, го очекуваме ова“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференцијата со неговиот хрватски колега Зоран Милановиќ во главниот град Загреб, последната станица од неговата балканска турнеја, по посетата на Босна и Херцеговина и на Србија.
Ердоган рече дека рускиот претседател Владимир Путин е во право дека житото на Украина, „за жал оди кај богатите земји, а не кај сиромашните.“
„Додека санкциите против Русија се во тек, испораката на жито во земјите што ги наметнуваат овие санкции го вознемирува Путин“, рече тој.
Ердоган додаде дека ќе разговара за ова прашање со Путин на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка во септември во Узбекистан.
- „Дејтон, за жал, не донесе решение во БиХ, лидерите на трите народи треба сами да донесат одлуки“ -
Турскиот претседател изјави дека Туркије и Хрватска се две пријателски и сојузнички земји. Како еден од примерите за добри односи меѓу двете земји, Ердоган наведе дека за време на неодамнешните земјотреси и шумски пожари што ја погодиле Хрватска, Туркије е меѓу првите кои помогнале.
„Денеска тука потпишавме три договори“, рече Ердоган.
За време на средбата со Милановиќ се разговараше и за регионални прашања, а Ердоган додаде дека една од темите за која имале можност опширно да разговараат биле претстојните избори на 2 октомври во Босна и Херцеговина.
Кога станува збор за трговската размена меѓу Туркије и Хрватска, Ердоган рече дека лани таа изнесувала 900 милиони долари, што е зголемување за 41 отсто. Тој нагласи дека ќе работи на зголемување на трговската размена.
Ердоган рече дека Туркиje внимателно го следи развојот на настаните на Балканот и продолжува да ги дава потребните придонеси во тој контекст.
„На нашите состаноци разговаравме за чекорите што може заеднички да се преземат за зачувување и зајакнување на мирот и стабилноста во Југоисточна Европа. Ја потврдивме нашата поддршка за мирот, стабилноста и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и европските интеграции“, рече Ердоган.
На прашањето на новинарите за ситуацијата во Босна и Херцеговина, Ердоган рече дека верува оти изворот на проблемот лежи во самиот Дејтонски договор.
„Дејтон [Дејтонскиот мировен договор, заб. на авт.], за жал, не е договор што донесе решение за Босна и Херцеговина. Во тогашните услови, она што јас лично го слушнав од покојниот Алија Изетбеговиќ е: ’Ништо друго не можевме да направиме.‘ Значи, тој не беше задоволен“, рече Ердоган и додаде:
„Во Босна и Херцеговина имаме Бошњаци, Срби и Хрвати. Имаме лидери кои ги претставуваат тие народи. Одлуките во врска со БиХ треба да ги донесат тие лидери, заедно и со разбирање.“
Ердоган на крајот додаде дека единството, заедништвото и интегритетот на Босна и Херцеговина се многу важни, дека земјата платила висока цена и дека се надева дека тоа нема да се повтори.