Satuk Buğra Kutlugün
13 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека Турција сака да ги продолжи добрите односи и економската соработка со Велика Британија и по нејзиното излегување од Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател денеска отпатува во работна посета на Велика Британија, каде што во Лондон ќе учествува на завршната сесија на 7. Форум „Татли Дил“.
Непосредно пред полетувањето од аеродромот во Истанбул, претседателот Ердоган одржа прес-конференција, на која изјави дека Анкара сака да продолжи да ги гради односите со Лондон и по март идната година, за кога е најавено дека В. Британија ќе истапи од ЕУ, во која беше полноправна членка изминатите 44 години.
„Сакаме да го искористиме процесот Брегзит за да можеме да ја унапредиме постоечката добра економска соработка“, порача Ердоган.
Турција и Велика Британија минатата година остварија трговска размена во износ од 16,2 милијарди долари, а Ердоган денеска истакна дека нивна цел е размената до крајот на оваа година да биде поголема од 20 милијарди.
Во прилог на неговата изјава е и податокот дека двете земји во првиот квартал од оваа година тргувале во износ од 5 милијарди долари.
Коментирајќи за Форумот на кој ќе учествува, Ердоган рече дека Турција придава големо значење на соработката на полето на културата, уметноста и политиката, а токму тој форум ги собира експертите од тие области.