ИСТАНБУЛ (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК / МЕХМЕТ КАРА -
Потпретседателот на турската Црвена полумесечина, Исмаил Хаки Турунч, истакна дека на овој свет сака да му каже збогум не од својот дом, туку од некој крај во светот, во Уганда или Монголија, додека му нуди помош на некој страдалник што има потреба за помош.
Турунч, кој околу 40 години активно работел во бројни национални и меѓународни организации каде што бил посредник за нудење хуманитарна помош во над 100 земји низ светот, во разговор со Аnadolu Аgency (AA) се осврна на развојот на хуманитарните активности, на своите искуства во оваа област, како и на препораките за доброволците во хуманитарната област.
Според Турунч, хуманитарната помош има две димензии, и тоа лична и институционална димензија.
„Последниот здив сакам да го испуштам не од мојот дом, туку од некој крај во светот, во Уганда или Монголија, додека му нудам помош на некој страдалник што има потреба за помош“, рече Турунч, заблагодарувајќи му се на Бога што може да работи во областа на хуманитарната помош.
Турунч информираше дека историските темели на хуманитарните работи кои Турција ги врши на меѓународна сцена датираат од традицијата на вакуфите (фондации) од османлискиот период, и дека оваа традиција не ги дели луѓето според религијата, националноста или според расата.
- Ниту една организација што нуди помош нема тајна агенда -
Турунч нагласи дека Турција преку државните институции и здруженија нуди помош за сите земји кои водат борба против катастрофите, како поплави, земјотреси, цунами, глад и суша.
Турунч рече дека кога нудат помош на некој што има потреба за тоа, не очекуваат возврат за тоа.
„Ниту една организација што нуди помош нема тајна агенда. Добиваме многу позитивни реакции во сите места каде што одиме. Веќе се сигурни дека сме различни од другите. За жал, јас бев сведок како граѓанските организации од Западот одат таму за трговски или други интереси. Исто така видов дека луѓето и децата што живеат под тешки услови во овие земји се злоупотребуваат за злонамерни цели од страна на хуманитарните организации“, додаде тој.
Турунч истакна дека целиот свој живот сака да го помине нудејќи им помош на другите, и дека имал прилика да посети околу 106 земји.
„Наместо да им дадеме готова риба, веќе ги учиме да фатат риби“, рече Турунч.
Турунч информираше дека различни институции, како Министерството за земјоделство и шумарство на Турција, и турската Агенцијата за соработка и координација (ТИКА), нудат помош во различни области, додека, според него, тие како Црвена полумесечина започнале проект за нудење микрокредит, кој ќе почнат да го применуваат во бројни земји во Африка.
„Наместо да им нудиме пакети со храна еднаш месечно, ќе им нудиме кредит во областа на сточарството и земјоделството, со што сакаме да ги зајакнеме економски и да им овозможиме да можат да стојат на свои нозе. Кога ќе го вратат долгот од кредитот и кога ќе го развијат нивниот бизнис, сакаме да овозможиме по 3 до 5 години да бидат во состојба да немаат потреба од некого“, додаде Турунч.
Според Турунч, дадената помош има духовна придобивка за тоа лице што нуди помош. Тој рече дека оваа помош што се нуди без да се очекува возврат, гради доверба меѓу доброволците и локалните жители каде што се нуди помошта, и дека овие локални жители по извесно време вршат трговија со турските компании.
„Тие што бараат да вршат трговија, им помагаме да стапат во контакт со официјалните државни институции. Луѓето во овие земји имаат одредена психологија од тоа што биле мамени веќе стотици години. Затоа сакаат да вршат трговија со веродостојни луѓе. Тоа претставува искуство за нив. На овој начин придонесуваме и во промовирањето на Турција. На пример, кога ја посетив Монголија ми рекоа дека во последните 10 години почнале подобро да се запознаваат со Турција. Некои бизнисмени преку оваа промоција дојдоа од Монголија во Истанбул и реализираа сериозни инвестиции. Иако претходно имале односи со други земји, откако ни поверуваа нам ги насочија своите инвестиции кон Турција“, нагласи Турунч.
- Треба да ја зачуваме нашата добронамерност -
Турунч нагласи дека доброволните активности не може да се мерат со материјални критериуми.
„Можно е да не сте во многу добра економска состојба, но ако во вашиот дух постои чувство за помагање и споделување, тогаш вашите чувства можете да ги претворите во добротворност според вашиот буџет. Нашите предци кои живееле во османлискиот период можеби немале многу добри услови, но имале цврсто разбирање за тоа“, додаде тој.
Според Турунч, благодарение на поорганизираните активности во последните години, Турција стана земја која нуди најмногу помош во светот според бруто националниот производ.
„Јас како личност што веќе 40 години сум вклучен во социјално-хуманитарните активности, гледам дека хуманитарните организации добија правен статус со различните можности нудени преку визијата на нашиот претседател, Реџеп Таип Ердоган“.
Турунч истакна дека со цел понудената помош да стигне до срцата на луѓето, треба да постои подобра намера, и додаде:
„И покрај сета работа што ја направивме, не успеавме да го достигнеме нивото на нашите предци. Културата за помагање во вакуфите се спроведуваше со свест и верување дека тоа е како обожување. Но можете да имате и цели како да бидете во едно здружение и да добиете социјален статус. Можете да го импресионирате некого со вашата позиција и визит-карта. Но, Алах е многу блиску до луѓето, и многу добро знае во кое здружение со која намера се наоѓате. Затоа најпрвин треба да ја зачуваме нашата добронамерност“.
Турунч во разговорот ги сподели и своите спомени од хуманитарните активности.
„По настанатиот земјотрес во Кашмир, отидовме на тоа место каде што видовме дека се срушени две училишта. Тоа беше тажна сцена. Поради лошите сезонски услови, се обидоа да одржат предавање на дожд и кал. Одлучивме да изградиме две училишта. Префабрикуваните елементи што ги произведовме во Турција, ги однесовме во Пакистан и ги монтиравме таму. Едното го именувавме Фатих Султан Мехмет, а другото Акшемсетин. Во нив имаше компјутери, како и хемиска лабораторија. Со еден другар повторно отидовме во Пакистан за да ги контролираме работите таму. Сакавме да влеземе во месџидот „Фајсал“. Многу убава џамија со добра естетика, но џамијата ја затвораа по вршење на обредите (клањање намаз). Не успеавме да стигнеме на обредот, но сакавме да влеземе во џамијата. Војниците кои стоеја на вратата ни рекоа дека џамијата е затворена, и дека не ќе можеме да влеземе. Ни се приближи едно лице, и ни рече „Дали сте Турци?“. Потоа им нареди на војниците, и истакна: „Оваа врата никогаш не се затвора за Турција“, и потоа се отворија вратите. Со тоа чувство влеговме внатре и плачејќи клањавме намаз“, рече во разговорот со АА потпретседателот на турската Црвена полумесечина, Исмаил Хаки Турунч.