Ekipa
16 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес изнесе критики на сметка на САД, велејќи дека не можеле да го негираат постоењето на договорот меѓу терористичките организации ПЈД/ЈПГ и ЈПГ, и дека тие по потреба соработуваат со терористичките организации или влегуваат во конфликт, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу денес во турскиот Парламент зборуваше за време на претставувањето на планот за буџетот на Министерството за 2018 година, а во таа пригода, меѓу останатото, се осврна на борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Чавушоглу рече дека таа продолжува, и оти жителите на Сирија почнуваат да се враќаат во подрачјата што се исчистени од ДЕАШ.
„Особено во подрачјата што се исчистени од ДЕАШ во рамките на офанзивата 'Штитот на Еуфрат', се вратија повеќе од 70.000 сириски бегалци од Турција. Исто така, во овие подрачја се вратија и околу 150.000 Сиријци кои биле раселени во границите на оваа земја“, порача Чавушоглу.
Исто така, тој нагласи дека се води борба против идеологијата на ДЕАШ, и додаде дека САД одлучиле да соработуваат со терористичката организација ПЈД/ЈПГ.
„САД продолжуваат со оваа грешка. Тие својот избор го оправдуваат како дел од тактиката, но ние им порачавме дека таквите тврдења за нас се неприфатливи. Сведочиме на тоа дека во Сирија се повторуваат грешките направени во Ирак. Стабилноста и иднината на овие две земји за нас е од голема важност. Во таа смисла, нагласуваме дека не треба да се соработува со терористичките организации, туку со сирискиот народ, и да се фокусираме на политичко решение“, изјави Чавушоглу.
Тој потсети дека претходно се зборувало оти целта на ЈПГ е борбата против ДЕАШ, но подоцна можело да се забележи дека тоа не е вистинската цел на ЈПГ, туку дека оваа организација настојува да ја преземе контролата над тој регион и настојува таму да формира терористичка база.
„Исто така, ЈПГ тука беше во блиска соработка со ДЕАШ. Одредени земји во коалицијата, првенствено САД, тоа не можеа да го негираат. Кога им одговара, соработуваат со терористичките организации, а кога им одговара, влегуваат во конфликт, или така се претставуваат. Ние ќе продолжиме да предупредуваме за тоа колкав е ризикот да се соработува со терористите“, порача Чавушоглу.