Ayhan Şimşek
15 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
БЕРЛИН (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, остро ги осуди европските држави поради неискажување солидарност со Турција во врска со неуспешниот обид за државен удар од страна на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Видовме само лажни изјави, но никаква вистинска поддршка. Нашиот народ се прашува: Ако не ја искажеме солидарноста меѓу нас во тешки времиња, тогаш зошто ни се потребни партнери?” изјави Чавушоглу во ексклузивно интервју за германскиот весник Билд објавено денес.
Чавушоглу изрази жалење што по обидот за државен удар, кој беше најсмртоносен напад против турската демократија во модерната историја, немало никаква посета во знак на солидарност од страна на европските лидери и министрите за надворешни работи.
„Можеш да ја сакаш или да не ја сакаш владата, можеш да го поддржуваш или да не го поддржуваш претседателот Ердоган, тоа не е важно. Требаше повеќе да се осуди овој напад, би требало да има посети од високо ниво овде”, изјави тој.
Според сведочењата на осомничените, обидот за државен удар, кој се случи на 15 јули, беше организиран од страна приврзаниците на Фетула Ѓулен во војската и од ФЕТО. Во него загинаа 240 лица и речиси 2.200 беа повредени.
Додека многу европски градови го осудија обидот за државен удар, нивното внимание брзо се пренасочи на загриженоста во врска со истрагата за инцидентот, како што голем број осомничени на ФЕТО беа уапсени или суспенидирани во државните институции.
„Европјаните не разбираат колку е опасен ФЕТО којшто стои зад овој напад”, изјави Чавушоглу, нагласувајќи дека илјадници членови на организацијата се инфилтрирале во државните институции во последните 40 години, користејќи многу нелегални тактики.
Досега, повеќе од 81.000 луѓе беа суспендирани од своите должности поради сомнение за поврзаност со ФЕТО.
Чавушоглу ги оправда мерките преземени од страна на Турција во периодот по обидот за државен удар и посочи дека тие се неопходни за заштита на демократскиот поредок.
„Ги преземаме овие мерки за да се спречи каков било нов обид за удар. Заканата уште постои”, изјави тој.
Чавушоглу истакна дека суспендирањето на ѓуленистите од државните институции е слично на она што се случи за време на обединувањето на Источна и Западна Германија во 90-тите години на минатиот век.
„По обединувањето на Источна и Западна Германија, повеќе од 150 илјади лица беа отпуштени од своите работни места поради сомнеж дека останале лојални на Советскиот Сојуз”, рече тој.