Canberk Yüksel
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
ЊУЈОРК (АА) - Предизборниот собир на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, одржан е вчера во Колорадо, а од салата е исфрлен турскиот новинар Јусуф Серче, кој за време на собирот подигнал транспарент со порака против терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Серче, новинар и колумнист на весникот „Милат газетеси“ (Milat Gazetesi), за АА изјави дека во тоалетот во салата, на хартија, со молив напишал порака: „Депортација за терористот Ѓулен“, бидејќи во салата не било дозволено внесување на какви било транспаренти.
Турскиот новинар Серче изјави дека транспарентот го подигнал во салата за време на обраќањето на Трамп, а целта му била на републиканскиот претседателски кандидат да му укаже на заканата од терористичката организација ФЕТО.
Истакнувајќи дека натписот на транспарентот не бил лесно читлив и дека поголемиот дел помислиле оти станува збор за некаков протест упатен кон Трамп, Серче изјави дека чуварите го изнеле надвор од објектот.
„Се обидував да им појаснам дека немам ништо против Трамп, туку дека мојата порака е врзана за Турција, но не ме слушаа. Ме исфрлија надвор, а потоа им објаснив сѐ и ми се извинија на крајот“, изјави Серче.
Серче веќе осум години живее и работи во Колорадо, а во изјавата за АА вели дека трпи големи притисоци од припадниците на терористичката организација ФЕТО, поради што размислува да го промени местото на живеење.
„На американската јавност, а особено на политичарите мора добро да им се објасни ставот на Турција во врска со терористичката организација ФЕТО. Под тој услов, Вашингтон ќе ја почитува позицијата на Анкара“, порача Серче.
Терористичката организација ФЕТО се товари за низа кривични дела во Турција, вклучувајќи ги прислушувањата на највисоките официјални лица и обидот за соборување на легалната и легитимна турска власт со посредство на припадниците на таа организација кои во изминатите години тајно се инфилтрирале во сите институции на Турција.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, а која со посредство на своите следбеници во турските вооружени сили, на 15 јули се обиде да изврши и државен удар во Турција.
Претходно, Турција и формално од САД побара да го испорачаат водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен.